Furkan Abdula
02 Септември 2021•Ажурирај: 03 Септември 2021
СКОПЈЕ
Во Северна Македонија вчера се аплицирани над 12.000 вакцини против новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Министерството за здравство на земјата.
Во соопштението се вели дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
„На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 733.226 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 4.179 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.022 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.280.332 дози вакцини, а ревакцинирани се 547.105 граѓани“, се наведува во соопштението.
Според ова соопштение, со последните бројки, 53 отсто од населението над 40 години има примено барем една доза вакцина и 28 отсто од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Се истакнува дека граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктови низ државата.
„Децата од 12 до 18-годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител“, се нагласува во соопштението.
Според соопштеното, вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата.
„Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста, се намалува шансата од заболување, како и смртен исход од неа“, се вели во ова соопштение.