Furkan Abdula
15 Јуни 2021•Ажурирај: 16 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Министерството за здравство на Северна Македонија соопшти дека заклучно со вчера, во земјата против новиот вид коронавирус (Ковид-19) се вакцинирани скоро 260.000 граѓани, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на ова министерство, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата.
Во соопштението се вели дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а дека досега бројот на лица што изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата „vakcinacija.mk“ е 450.634 граѓани.
„На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 259.935 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.222 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 4.840 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 452.424 дози вакцини, а ревакцинирани се 193.029 граѓани. Со последните бројки, 48 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 36 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација и дека се вакцинираат возрасни лица, граѓани што искажале интерес за вакцинација на оваа веб-страница, а се вакцинираат и лица вработени во критичната инфраструктура.
„Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, како и во другите градови Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп“, се наведува во ова соопштение.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на „vakcinacija.mk“, бидејќи, според соопштението, тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.