Балкан

„ТАВ Аеродроми" и премиерот Заев ги доделија договорите за инфраструктурни проекти на 23 општини во РСМ

„Предвидено е да се реализираат над 90 инфраструктурни проекти, во сите плански региони, за што се издвоени 49,7 милиони евра. И ова денеска е само првата фаза. Почетокот на јули следува втора фаза и третата фаза некаде околу 20 јуни“, изјави Заев.

Edita Zecirovic  | 15.06.2021 - Обновена : 16.06.2021
„ТАВ Аеродроми" и премиерот Заев ги доделија договорите за инфраструктурни проекти на 23 општини во РСМ ( Foto: Husamedin Gina / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ

„ТАВ Аеродроми" и премиерот Зоран Заев ги доделија првите договори за инфраструктурни проекти на 23 општини во Република Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).

По тој повод, денеска, во Клубот на пратеници во Скопје, на официјален настан се обратија премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и главниот и извршен директор и претседател на „ТАВ Аеродроми", Сани Шенер.

Премиерот Заев изјави дека станува збор за инфраструктурни проекти, кои ќе го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните.

Средствата се наменети за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на локални патишта, доградба и изградба на детски градинки, реконструкција на основни и средни училишта, резервоари за вода, системи за водоснабдување и останати проекти, чија вкупна вредност е 609,9 милиони денари односно 9,9 милиони евра.

„Предвидено е да се реализираат над 90 инфраструктурни проекти, во сите плански региони, за што се издвоени 49,7 милиони евра. И ова денеска е само првата фаза. Почетокот на јули следува втора фаза и третата фаза некаде околу 20 јуни“, изјави премиерот Заев.

Тој информираше дека средствата се обезбедени со одлука на Владата на РСМ за прераспределба на парите од концесионерот на ТАВ, што беа наменети за изградба на карго аеродромот во Штип, а сега со нив ќе се финансираат проекти низ општините во целата држава и ќе се прошират капацитетите на аеродромските згради во Скопје и Охрид.

Меѓу другото, премиерот Заев нагласи дека главната цел е зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живот на локално ниво. Изрази верување дека со поддржување на трајните добра се создаваат услови за подобар живот на граѓаните, нови вработувања и за економски развој.

Главниот и извршен директор и претседател на ТАВ „ТАВ Аеродроми", Сани Шенер, најави дека во рок од три години 35 милиони евра ќе бидат пренаменети за вкупно 99 општествени проекти, додека 14,7 милиони евра за инвестиции во аеродромите наместо за изградба на карго аеродромот.

„Како ТАВ ние веруваме дека оперативните и финансиски успеси имаат значење само кога истите создаваат општествена вредност. И покрај кризата што ја предизвика вирусот Ковид-19, денес сме горди што ја исполнуваме нашата заложба, како и нашето ветување, и денес ги потпишуваме договорите за почеток на проектите кои ќе ја подобрат инфраструктурата на Северна Македонија, како и удобноста на граѓаните“, потенцираше Шенер.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.