Stipe Majic
20 Декември 2024•Ажурирај: 21 Декември 2024
Голем број жители на хрватската престолнина се собраа на игралиштето на Основното училиште „Пречко“ во Загреб за да изразат сочувство за настраданото дете и повредените во нападот со нож од страна на 19-годишник претходно денес, јавува Анадолу.
Стотици запалени свеќи и пораки со сочувство по повод убиството на едно дете и ранувањето на учителка и уште тројца ученици го исполнија игралиштето во Основното училиште „Пречко“, каде утрово слета хеликоптер на Брзата помош за да им пружи медицинска помош на повредените во нападот.
Заедно со плишаните мечиња и белите рози, граѓаните пред влезот на Месниот одбор „Пречко“ и во центарот на детското игралиште оставаат пораки за настраданото 7-годишно дете, но и за другите ранети во нападот.
Петнаесетгодишникот, кој утрово се здоби со убодни рани во пределот на вратот и грбот на местото на настанот, со хеликоптер е однесен и хоспитализиран во КБЦ Загреб, пренесуваат хрватските медиуми. Вон животна опасност се и двете деца на возраст од 7 и 11 години, кои се здобија со повеќе убодни рани кои морало хируршки да се санираат. 62-годишната учителка, чија состојба денеска беше критична, е надвор од животна опасност. Оперирана е во Клиничката болница „Свети Дух“, нејзините витални параметри се нормални, а во истата болница е сместен и сторителот на делото, кој по нападот во училиштето се обидел да се самоубие во блискиот здравствен дом.
Денес, околу 9 часот и 50 минути, 19-годишен хрватски државјанин, жител на загрепската населба Пречко, лице кое се лекувало од психички проблеми, нападна учителка и неколку деца кои биле на настава во Основното училиште „Пречко“.