Admir Fazlagic
31 Август 2017•Ажурирај: 01 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Поглаварот на Исламската верска заедница на Република Македонија, реис-ул-улема Сулејман Реџепи упати порака до сите припадници на исламската вероисповед по повод утрешниот празник Курбан Бајрам, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ја започнувам оваа моја порака со зборовите на нашиот Пејгамбер, Мухамед а.с., кој вели дека муслиманот во својот живот има два празника: Фитр Бајрам и утрешниот празник, Курбан Бајрам. Овој свет празничен ден, за нас го претставува најискрениот чин што се однесува на нашата верба кон Бога“, вели во својата порака Реџепи и истакнува:
По клањањето на намазот, ќе колеме курбани. Ќе го поделиме нивното месо на сиромашните со цел во овој празничен ден и тие да имаат побогата трпеза. Подадете си рака и прегрнете се со сите членови на семејството, со вашите луѓе, со пријателите и соседите. Посакувајќи им здравје на нашите браќа и сестри што се наоѓаат на хаџ и молејќи го Севишниот да ги прими сите нивни молитви и ибадети извршени во светите места, ви пожелувам на сите среќен Курбан Бајрам“.
Карактеристично за празникот Курбан Бајрам е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога. Обичајот го изведуваат сите што имаат можност за тоа. Оние што принеле жртва, потоа раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите кои отишле да ја извршат петтата верска обврска (должност) на секој муслиман – аџилакот.