Admir Fazlagic
13 Јули 2017•Ажурирај: 16 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Асоцијацијата на независни индустријалци и бизнисмени (МУСИАД) Балкан, во врска со информациите објавени во дел од македонските интернет портали со наводи дека преку објавените рекламни билборди во Македонија од страна на МУСИАД Балкан „пренесуваат политички случувања на друга држава, на територијата на Република Македонија" преку соопштение реагираше на овие наводи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на МУСИАД Балкан, кое доаѓа како реакција на спомнатите наводи изнесени во дел од македонските електронски медиуми, се наведува дека објавените рекламни билборди од страна на МУСИАД Балкан со единствена цел за одбележувањето на државниот празник на Република Турција - 15. Јули.
„Целта на објавените рекламни билборди е да се одбележи денот на демократијата и националното единство со кој се прославува спречениот воен пуч, со што во Република Турција се задржаа демократските принципи и демократски избраната власт", се вели во соопштението.
Како што се нагласува, визијата и единствената цел на МУСИАД Балкан е да ги интегрира независните бизнисмени и индустријалци од Македонија и Турција е да овозможи унапредување на бизнис релациите и зголемување на трговската размена, со цел за зголемен заеднички раст на двете економии.
„Потенцираме дека Здружението МУСИАД Балкан е формирано согласно македонските законски прописи и активностите кои се организираат и спроведуваат во неговите рамки се во согласност со истите", се истакнува во соопштението.
Од МУСИАД Балкан наведуваат и дека ова здружение исклучиво ги поддржува демократските принципи верувајќи дека само преку реализацијата на тие вредности се унапредува градењето на здрави економски односи кои ќе генерираат зголемен економски раст во регионот.
„Овде би сакале да ја истакнеме одличната соработка и добрите односи на Македонија и Турција во сите сфери на општественото живеење со што се овозможува зголемена доверба помеѓу двата братски народи", се потенцира во писмената реакција.
На неколку локации низ Скопје, поставени се билборди на кои пишува „15 јули - Демократијата победи", кои освен на македонски, напишани се и на турски, албански и англиски јазик.