Fatjon Cuka
01 Јуни 2022•Ажурирај: 02 Јуни 2022
ТИРАНА (АА) - Демократијата и човековите права во различни делови на светот се сериозно тестирани, изјави премиерот на Албанија Еди Рама по повод едномесечното претседавање на земјата со Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), кое започнува денеска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во видеопораката објавена од албанската Влада, Рама истакна дека нема поголема вредност што ОН треба да ја промовираат од правдата и владеењето на правото. Според него, Албанија го промовира тоа на национално ниво и го штити на меѓународен план.
Тој изјави дека светот е во превирања и дека и „понатаму продолжуваме да бидеме сведоци на неописливи злосторства во повеќе од педесет конфликти низ светот.“
„Помина долго време откако видовме масовни прекршувања на човековите права, од Дарфур до Мјанмар, од Авганистан до Сирија, а меѓународната заедница се бори да ги изведе сторителите на тешки злосторства пред лицето на правдата. Во Европа, лузните на постјугословенските војните сè уште се отворени. Правиме сè што можеме за да продолжиме напред без да го заборавиме минатото, ветувајќи дека ќе изградиме заедничка иднина во мир“, рече Рама.
Тој додаде дека руската војна во Украина ја доведе во прашање европската безбедност и го разниша светскиот поредок заснован на правила.
„Потребно е итно да се дејствува, сега, за да се спасат безброј жртви на бесмислени конфликти, но и за сите нас, за она во што веруваме, за она што нè зближува, да го почитуваме законот, да ги заштитиме мултилатералните активности“, рече тој.
Тој додаде дека правдата и мирот одат рака под рака и дека Албанија останува целосно посветена на тие принципи.
„Имаме привилегија да им дадеме глас на нашите верувања и да го водиме Советот за безбедност на Обединетите нации со сета наша волја и страст за она во што силно веруваме“, рече Рама.
Албанија ќе претседава со Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) од 1 јуни до крајот на месецот, помалку од една година откако беше избрана за непостојана членка на највисокото тело на ОН.
Земјата стана членка на ОН на 14 декември 1955 година, а по 66 години членство, на 11 јуни минатата година, за првпат беше изгласана за една од 15-те непостојани членки на Советот за безбедност.
Нејзиниот мандат започна на 1 јануари оваа година, а истекува на 31 декември 2023 година.