Ekip
31 Мај 2022•Ажурирај: 01 Јуни 2022
АТИНА (АА) - По речиси две години, употребата на маски во затворен простор од среда веќе нема да биде задолжителна во Грција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Најмалку до 15 септември, на луѓето ќе им биде дозволено да влегуваат во сите затворени простори без маска, со исклучок на здравствените установи, домовите за стари лица и јавниот превоз.
Сепак, нема да бидат потребни маски во меѓуградскиот јавен превоз и авионите.
Учениците во училиштата и универзитетите исто така нема да бидат обврзани да користат маска.
Маските сè уште се задолжителни на бродовите бидејќи одлуката за овој конкретен начин на транспорт сè уште се чека, според властите.
Грција првпат воведе задолжително носење маски при купување на производи во супермаркети, во јавниот транспорт и во здравствените установи во мај 2020 година, пред да го прошири на сите внатрешни и надворешни простори во ноември истата година, бидејќи дојде до зголемување на случаите на Ковид-19 во земјата.
Од пикот од речиси 50.000 случаи на заразување дневно овој јануари, дневниот број на заразувања во Грција драстично се намали во изминатите неколку месеци.
Во понеделникот, властите пријавија уште 2.400 случаи, меѓу кои 296 повторни заразувања и 21 смртен случај.
Вкупниот биланс на заболени во земјата од почетокот на пандемијата сега изнесува над 3,44 милиони, вклучително и 29.828 смртни случаи.