Edıta Zekjırovıkj
31 Мај 2022•Ажурирај: 01 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) - Началникот на Генералштабот (ГШ) на Вооружените сили (ВС) на Норвешка, генералот Еjрик Кристоферсен, кој е во дводневна официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија, го посети Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералот Еjрик Кристоферсен беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во присуство на Баталјонот за почести и Воениот оркестар на Армијата на Северна Македонија (АРМ) кој ги интонираше химните на двете држави.

По пречекот со воени почести, генералот Кристоферсен оствари средба со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, на која разговараа за одличната билатерална соработка помеѓу двете армии.
На средбата генералот Ѓурчиновски го истакна задоволството од досегашната соработка, која постојано се одржува на високо ниво, особено во досегашното заедничко учество во мировните операции ИСАФ и „Одлучна поддршка” во Авганистан, како и во заедничките вежбовни активности.
Генералот Кристоферсен за време на состанокот го истакна значењето на заедничките настапи во меѓународните вежби и мировни операции на меѓусебната интероперабилност и нејзиното подобрување со учество на поголеми состави во заеднички вежбовни активности.

За време на посетата во Министерството за одбрана, генералот Кристоферсен оствари средба и со заменикот-министер за одбрана Башким Хасани.
Притоа, заменикот-министер за одбрана, Башким Хасани, се заблагодари за норвешката поддршка и за големиот број заеднички проекти на АРМ со Вооружените сили на Кралството Норвешка.
Хасани изрази уверување дека во иднина меѓуармиската соработка и соработката помеѓу двете држави, сојузнички во НАТО-алијансата, уште повеќе ќе се интензивираат.

На работната средба со дел од клучниот персонал од Генералштабот, пред делегацијата од ВС на Кралството Норвешка беа презентирани достигнатиот степен на трансформација и реформи во АРМ, придонесот во мировните операции, капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ за изведување вежбовни активности и учеството во заедничките активности.
Генералите Ѓурчиновски и Кристоферсен го проследија и отворениот настан на гардистите на Армијата на Република Северна Македонија и Кралската гарда на Кралството Норвешка.

На отворениот настан, кој е дел од предвидените меѓуармиски активности за одбележување на јубилејот 30 години од формирањето на Армијата, граѓаните имаа можност да ги проследат акробатски точки со воено оружје во изведба на Кралската гарда на Кралството Норвешка, со кои гардата е позната во светски рамки.
Генералите Ѓурчиновски и Кристоферсен ќе го проследат и самостојниот вечерен концерт на Воениот оркестар на Кралската гарда на Кралството Норвешка, што ќе се одржи во Македонската филхармонија.
Началникот на Генералштабот на ВС на Норвешка во текот на денот ќе биде примен и од претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
