Kemal Zorlak
25 Декември 2021•Ажурирај: 26 Декември 2021
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска телефонски разговараше со претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Заблагодарувајќи се за честитките што му беа упатени по повод новогодишните и божиќните празници, Вучиќ му посака на рускиот претседател добро здравје и многу успех во 2022 година во корист на благосостојбата на руската држава и рускиот народ, како и на благосостојбата на српско-руската соработка.
Во разговорот е истакната подготвеноста за натамошна блиска соработка меѓу Србија и Русија за целиот спектар прашања од билатералната, регионалната и меѓународната агенда.
„Вучиќ и Путин истакнаа дека економските врски меѓу Србија и Русија постојано се зајакнуваат, дека можностите за соработка на полето на стопанството се далеку поголеми од искористените, и дека има простор за нови заеднички проекти. Во таа смисла, посочија дека очекуваат наскоро потпишување на Договорот за стратешка економска соработка меѓу Србија и Русија и позитивно го оценија договорот што го потпишаа Петрохемија и Гаспром“, се наведува во соопштението од Службата за односи со медиумите на претседателот на Србија.
Вучиќ му се заблагодари на Путин за испораката на противтенковските ракети Корнет, оценувајќи дека овие ракети од руско производство се најдобри во светот и како такви се големо зајакнување за српската копнена војска.
Двајцата претседатели ја разгледаа и енергетската ситуација во Европа и светот, продолжувајќи го разговорот воден пред еден месец во Сочи. Путин му даде уверување на Вучиќ дека Русија ќе се придржува до договореното и дека Србија оваа зима ќе има доволно количество гас, а двајцата државници разговарале и за аранжманот со кој се обезбедуваат дополнителни количества гас за Србија.