Almir Terzic
24 Декември 2021•Ажурирај: 25 Декември 2021
ЉУБЉАНА
Во Словенија нема да има пречек на Новата година на отворено, баровите за новогодишната ноќ ќе работат без ограничување, но за влез ќе биде потребен негативен тест за коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во новогодишната ноќ баровите ќе бидат отворени без ограничување, а за влез ќе биде потребен негативен брз или ПЦР-тест. Ни оваа година нема да има пречек на Новата година на отворено“, објасни Полона Рифељ, државната секретарка на Министерството за економски развој и технологија на Словенија.
Владата на Словенија донесе и нови мерки кои се однесуваат на ограничувањата на бројот на купувачи во продавниците. Трговците, како што се наведува, се изненадени од новото ограничување.
Донесена е и одлука за намалување на роковите на важност на тестовите, па брзите тестови ќе важат 24 часа, а ПЦР-тестовите, 48 часа.
„Владата одлучи на гостите во угостителските објекти, како во самостојните, така и на оние во хотелите, да им овозможи подолга вечера ноќта на 1 јануари 2022 година. Новогодишната вечера е важен извор на приходи за угостителите“, рече Рифељ.
Работното време кога е дозволена храна и пиење во новогодишната ноќ нема да биде ограничено со владината уредба. Меѓутоа, сите гости, вклучително вакцинирани и невакцинирани, мораат да имаат негативен резултат на тест (ПЦР или брз ХАГ-тест), кој не смее да биде постар од 12 часа.
„Доколку гостите при доаѓањето не го прикажат негативниот тест, сопствениците на баровите мораат да обезбедат доволно брзи тестови за самотестирање. Гостинот може да се тестира под надзор на угостителот непосредно пред влезот во ресторанот“, рече Рифељ.
Рифељ потсети дека сѐ уште важи „режимот на престојување“ и дека гостилниците на влезот мораат јасно да назначат „колку гости можат истовремено да бидат во овој режим“. Во новогодишната ноќ ќе биде дозволена музика во живо.
Истовремено нема да има прослава на Нова година на отворено.
„Нема да има дочек на Новата година на отворено од иста причина поради која храната и пиењето се забрануваат во текот на саемите на отворено. За жал, многу е тешко да се контролира и не можеме себеси да си дозволиме зголемени ризици за здравјето на луѓето во текот на ширењето на Омикрон“, истакна Рифељ.
На Бадниковата вечер и Нова година дозволени се приватни собирања на луѓе од најмногу три домаќинства.
Од вчера во Словенија важат ограничувања во продавниците.
Владата на седницата во средата ја измени Уредбата за привремените мерки за спречување и контрола на нови случаи на коронавирусот за да го ограничи бројот на купувачи во продавниците кои нудат и продаваат стока според големината на продавницата, дозволувајќи еден купувач на 10 квадратни метри. Со уредбата исто така е пропишано дека на влезот мора да се објави податок за максималниот број на купувачи кои можат истовремено да бидат во продавницата.
„Ја разбираме лошата волја на продавачите, особено на помалите, но здравјето е на прво место. Секоја одлука која Владата овие денови ја донесе е тешка и пред сѐ, резултатот е проценка на различни сценарија и остварување на најголема корист за сите граѓани“, рече Рифељ.
Таа истакна дека Владата го разбира незадоволството на трговците.
„Разбираме дека дополнителните ограничувања за трговците и угостителите се дополнителна работа и намалување на приходот, но да потсетам дека на масата беа многу поригорозни предлози со кои Министерството за економија едноставно не можеше да се согласи“, рече Рифељ.