Балкан

Работната група за земјоделство и рурален развој ја одржа петтата сесија

Националната конвенција за ЕУ како концепт започна во Словачка, а во голема мера придонела за полесно приспособување на различни сектори во процесот на пристапување кон ЕУ

Abdula Berisha  | 18.06.2019 - Обновена : 19.06.2019
Работната група за земјоделство и рурален развој ја одржа петтата сесија

СКОПЈЕ (АА) - Работната група за земјоделство и рурален развој при Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија ја одржа петтата сесија под наслов „Локалните чинители во функција на развој на руралните средини“, јавува Anadolu Agency (AA).

На оваа сесија беа присутни претставници на соодветните државни институции, односно на Министерството за земјоделство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој; претставници на Земјоделскиот факултет, како и претставници на организациите на земјоделците и фармерите.

Александра Мартиновска Стојческа, професорка на Земјоделскиот факултет во Скопје, објасни дека Националната конвенција како концепт започнала во Словачка, и дека во голема мера придонела за полесно приспособување на различни сектори во процесот на пристапување кон Европската Унија (ЕУ).

Истакнувајќи ја улогата на локалните чинители во развојот на руралните средини, таа рече дека и на претходните сесии на оваа работна група во фокусот бил развојот на земјоделството во овие средини.

„Улогата на земјоделството во руралниот развој е да се одржат локалните заедници за кои земјоделството е важна економска активност која создава можности за локални вработувања и која креира повеќекратни економски, социјални, еколошки и територијални придобивки“, рече Мартиновска Стојческа.

Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој во Северна Македонија, рече дека минатата недела е формиран Националниот рурален парламент, составен од сите релевантни чинители кои, како што истакна, „прогласил манифест“, во кој се набројуваат сите проблеми во врска со руралниот развој.

„На крајот можевме да заклучиме дека само со еден обединет пристап, заедно со државата - граѓанскиот сектор и сите релевантни институции можат единствено заеднички да придонесат за подобрување на животот во руралните средини“, рече Ѓоргиевски.

Во рамки на тематските дискусии, своја презентација имаше и Антон Марцинчин, советник на министерот за финансии на Република Словачка, којшто високо ја оцени работата на Националната конвенција, истакнувајќи дека таа е од голема важност за развојот на економијата на земјата.

Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија претставува отворен форум за постигнување поширок општествен консензус за прашања поврзани со пристапувањето на Република Северна Македонија кон ЕУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.