Балкан

Дебата за влијанието на климатските промени врз земјоделството

„Земјоделците претрпуваат многу штета. Мора да преземеме некои мерки за да ги заштитиме земјоделците“, рече словачкиот експерт Јан Баршвари

Abdula Berisha  | 12.09.2019 - Обновена : 13.09.2019
Дебата за влијанието на климатските промени врз земјоделството (Foto: Abdula Berisha/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Работната група за земјоделство и рурален развој при Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија ја одржа шестата сесија на тема „Предизвиците во земјоделството соочено со климатските промени“, јавува Anadolu Agency (AA).

На оваа сесија присуствуваше и министерот за земјоделство, Трајан Димковски, кој рече дека влијанието на климатските промени првично се забележува во земјоделството. Тој рече дека се преземени неколку превентивни мерки, наведувајќи ги опремувањето на неколку лаборатории на Хидрометеоролошкиот завод, субвенционирањето на полисите за осигурување на земјоделците и изградбата на системите за наводнување.

„Би напоменал само едно поголемо задолжување од КФВ - германската банка, некаде околу 80 милиони евра ќе се инвестираат токму во четири големи системи за наводнување каде што очекуваме дека над 30.000 хектари ќе бидат покриени со систем за наводнување“, рече министерот Димковски.

На сесијата присуствуваше и словачкиот експерт Јан Баршвари, кој рече дека и неговата земја страда од климатските промени.

„Земјоделците претрпуваат многу штета. Мора да преземеме некои мерки за да ги заштитиме земјоделците. Јас би рекол дека има две нивоа: Едно е нивото на земјоделецот, што значи дека земјоделецот мора да се заштити со одредени мерки. Тука е и улогата на државата, државата треба да ги надомести овие штети на земјоделците“, рече Баршвари.

Универзитетскиот професор Ордан Чукалиев рече дека климатските промени сами по себе не се проблем, но според него, проблем е способноста за приспособување, додавајќи дека треба повеќе да се работи со земјоделците. Тој истакна дека сериозно прашање е недостигот на информации за спроведување на научни истражувања.

„Морам да бидам искрен: многу не знаеме, поради тоа што научните истражувања кои треба да создадат знаења, едноставно недостигаат. Недостигаат поради недостиг на податоци. На научната фела не ѝ се ставени на располагање податоците со кои располагаат институциите во системот“, рече Чукалиев.

Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија е отворен форум за постигнување поширок социјален консензус за прашања поврзани со членството на Северна Македонија во ЕУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.