Abdula Berisha
18 Јули 2019•Ажурирај: 19 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Во просториите на Владата на Северна Македонија денеска се потпишаа договорите за реализација на проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби, јавува Anadolu Agency (AA).
Освен градоначалниците на општините, чии проекти беа одбрани за финансирање, присутни беа и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи.
Вицепремиерот Анѓушев рече дека ова е втор настан оваа година во кој се распределуваат средствата од Програмата за рамномерен регионален развој, за која тој рече дека оваа година се предвидени седум милиони евра.
„Сега ќе се потпишат договори практично за 74 проекти, коишто се специфични проекти и во рурални подрачја, значи проекти за подрачја со специфични потреби. Ќе бидат 35 проекти за развој на селата и 39 проекти за развој на подрачја со посебни потреби. Ќе бидат издвоени од прилика два милиони евра“, рече Анѓушев.
Министерот Милевски рече дека проектите главно се фокусирани на инвестиции во инфраструктурата, нагласувајќи дека властите се свесни дека сè уште постојат големи разлики во развојот на различните региони, особено кога се споредуваат урбаните и руралните средини.
„Станува збор за релативно мали проекти, но истите имаат големо значење за жителите во руралните населени места, затоа што решаваат конкретни проблеми и ги подобруваат условите за живеење“, рече Милевски.
Директорот Реџепи рече дека за разлика од претходните години, оваа година има повеќе проекти, и додаде дека Владата во наредните години ќе биде посветена на обезбедување средства за сите проекти со кои ќе аплицираат општините ќе се применуваат.
„Не можеме да кажеме дека општините немаат проекти, како што можеби било порано кога општините немале никакви проекти. Ова го кажувам од причина што ние сме институција која ги прибира апликациите кога е повикот за проектите и оваа година можам да заклучам дека сме имале повеќе проекти отколку што сме имале средства“, рече Реџепи.
Оваа година, од оваа програма придобивки имаа вкупно 54 општини. Меѓу финансираните проекти се изградбата на патишта, канализација, реставрација на школи и еколошки проекти, главно за руралните средини.