Abdula Berisha
19 Јули 2019•Ажурирај: 22 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија и Србија потпишаа меморандум за соработка во областа на дигитализацијата, што ќе ѝ овозможи на Северна Македонија да ги придобие искуствата на Србија во дигитализацијата и создавањето на нови веб-страници за институциите на извршната власт, јавува Anadolu Agency (AA).
Меморандумот го потпишаа министерот за информатичко општество и администрација на Северна Македонија, Дамјан Манчевски, и директорот на Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа во Владата на Република Србија, Михаило Јовановиќ.
Министерот Манчевски рече дека сегашните веб-страници се стари, не обезбедуваат доволно услуги за граѓаните и имаат недостатоци во безбедносната сфера. Тој нагласи дека се предвидува унифицирање на веб-страниците на сите извршни институции, додавајќи дека станува збор за менување на концептот за тоа како институциите комуницираат со граѓаните.
„Концептот „единствено веб-решение за сите министерства и институции“ ќе овозможи во иднина полесно да се снаоѓаме на веб-страниците на Владата и на министерствата и на многу поедноставен начин да дојдеме до бараните информации“, рече Манчевски.
Директорот Јовановиќ рече дека меморандумот претставува унапредување на веќе добрата соработка меѓу двете земји во доменот на дигиталната трансформација на администрацијата, нагласувајќи дека Србија успеала да ја трансформира администрацијата во служба на граѓаните и компаниите.
„Денес, во рамките на овој меморандум, ќе имаме конкретни активности фокусирани главно на тоа како е можно преку веб-страниците на Владата на Република Србија да се обезбеди двострана комуникација меѓу граѓаните и Владата и сите министерства во рамките на Владата“, рече Јовановиќ, додавајќи дека регионот може да напредува само преку размена на добри идеи.
Министерот Манчевски објасни дека на новите веб-страници граѓаните ќе можат да поставуваат прашања и да добиваат одговори во определен рок од релевантната институција. Тој рече дека постапките за јавна набавка ќе започнат наесен и дека новите веб-страници ќе можат да се користат на почетокот на следната година.