политика

Конференција за предизвиците во спроведувањето на реформите на јавната администрација

Министерот за администрација, Дамјан Манчевски и шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, потпишаа меморандум за соработка

Abdula Berisha  | 05.12.2019 - Обновена : 06.12.2019
Конференција за предизвиците во спроведувањето на реформите на јавната администрација Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за информатичко општество и администрација во Владата на Република Северна Македонија, Дамјан Манчевски, заедно со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, присуствуваа на конференцијата на тема „Стратегија за реформа на јавната администрација за 2018 - 2022, идни предизвици“, на која потпишаа и меморандум за соработка, јавува Агенција Анадолија (AA).

Во изјавата за медиумите по потпишувањето на меморандумот, министерот Манчевски рече дека ОБСЕ е партнер во сите области коишто се дел од реформата на јавната администрација.

Тој истакна дека во текот на конференцијата, заедно со граѓанските организации е направена анализа за тоа што е направено досега, како и тоа дека се одредени новите мерки во акцискиот план за спроведување на стратегијата за реформа на јавната администрација.

„За мене, клучен, најважен дел на реформата на јавната администрација е дигитализацијата, и оваа година еве веќе имаме конкретни и видливи резултати - го пуштивме во употреба централниот регистар на население, го имаме веќе новиот портал за отворени податоци, следната недела ќе го промовираме новиот национален портал за електронски услуги, каталогот за услуги. Ги усвоивме сите закони, ги имаме веќе и техничките предуслови за активација на електронскиот идентитет на граѓаните“, рече Манчевски.

Тој исто така најави дека следната година ќе се направи дигитализација на клучните регистри од јавните институции.

Амбасадорот Клеменс Која во својот говор на конференцијата потсети дека јавниот сектор е огледало на власта, додавајќи дека тој го претставува првиот контакт меѓу граѓаните и структурите на централната или на локалната власт.

„Мисијата на ОБСЕ во Скопје е вклучена и посветена на реформите во јавната администрација од 2013 година. Финансиска, техничка и помош за градење капацитети е понудена како поддршка на четирите столба на Стратегијата за јавната администрација 2018 - 2022 година. Нашата мисија има дадено поддршка во прашањата како што се креирањето политики и координација помеѓу извршната и законодавната власт, човечките ресурси, менаџментот и професионализацијата на јавната администрација, структурната реорганизација, како и квалитетот на услугите“, рече Која.

- „Следното лето веќе ќе имаме намалени цени за роамингот со Грција“ -

Министерот Манчевски беше прашан и за високите цени на роамингот со Грција, во споредба со земјите од Западен Балкан. Тој рече дека Грција, слично како Бугарија, е дел од Европската Унија (ЕУ), истакнувајќи дека правилата и процедурите на ЕУ не дозволуваат потпишување на билатерални меморандуми со земји надвор од ЕУ.

„Она што можам да го најавам, а ќе следува во следните месеци, секако пред стартот на летната туристичка сезона, е дека навистина имаме разбирање и соработка од дел од операторите коишто функционираат во двете земји и дека за граѓаните, следното лето, апсолутно, веќе ќе имаме доста намалени цени за роамингот со Грција“, рече Манчевски.

Тој исто така рече дека договорот за роаминг во Западен Балкан бил предуслов за да се укине роамингот со сите земји од ЕУ, додавајќи дека на Дигиталниот самит којшто ќе се одржи во април во Тирана, ќе се одреди конкретна временска рамка кога ќе се укине роамингот и кон сите земји од ЕУ.

Според Манчевски, граѓаните на Северна Македонија ќе можат да зборуваат без роаминг со земјите од ЕУ најдоцна една и пол година по Самитот во Тирана.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.