Nazmi Abdurahmani
26 Април 2016•Ажурирај: 27 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Агенција за катастар на недвижности на Макеоднија и Централната канцеларија за регистрација на недвижниот имот на Република Албанија денес потпишaa Меморандум за разбирање и Договор за размена на податоци од перманентните станици од мрежите за глобално сателитско позиционирање и навигација во Република Македонија-МАКПОС и во Република Албанија- АЛПОС, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на Агенцијата за катастар и недвижности на Македонија Славче Трпески на прес-конференцијата по повод овој настан изјави дека денешното потпишување на Меморандумот за соработка претставува основа за соработка помеѓу двете институции во областа на катастарот на недвижности, проценката на недвижности, премерот на државните граници, картографијата, геоинформатиката и воспоставување на инфраструктурата на просторните податоци преку размена на искуства, стручни лица и информации со цел развој на ефикасна и одржива земјишна администрација.
„Воспоставената соработка помеѓу Агенција за катастар на недвижности и Централната канцеларија за регистрација на недвижниот имот на Република Албанија ќе се реализира преку редовни средби на претставниците на двете институции кои имаат за цел споделување на знаење и добра пракса во востановување на катастарот на недвижности, управување и користење на националните ГНСС системи, подземниот катастар и воспоставување на инфраструктурата на просторните податоци како и реализирање на иницијативи за прекугранична соработка преку воспоставување на прекугранична размена на податоци и сервиси, како на пример размена на податоците од постојните ГНСС системи меѓу двете земји", изјави Трпески.
Од друга страна, директорот на Централната канцеларија за регистрација на недвижниот имот на Република Албанија, Илиријан Мухо рече дека меморандумот за разбирање ја создава основата за институционалната соработка во областа на управување со земјиштето и размена на искуства на взаемна корист.
„Улогата и значењето на сателитскиот систем за глобална мрежа е премногу голема не само за зголемување на точноста на мерење, туку и во другите области, како управување со земјиште, планирање урбан развој, изградба на објекти и инфраструктура, авијација, сообраќај и патишта, геодезија, метеорологија, водни ресурси, шуми и пасишта", истакна Илиријан Мухо, директор на Централната канцеларија за регистрација на недвижен имот на Албанија.
„Технологијата за тридимензионална контрола, додаде, ги зголемува можностите и нивните придобивки на повисоко ниво. Колку повеќе решенија постојат за корисници толку поедноставен е процесот на работа и побргу се случува растот на пазарот", истакна Мухо.
Во рамките на договорот ќе се разменуваат податоци од пограничните ГНСС станици во Дебар, Охрид и Битола од македонска страна, кои се дел од македонскиот позиционен систем- МАКПОС, и податоци од пограничните ГНСС станици во Корча, Либражд и Кукс од албанската страна, кои се дел од албанскиот позиционен систем- АЛБПОС.
Со поврзување на МАКПОС и АЛБПОС системи се отвораат и нови можности за заедничко учество во реализација на разни билатерални, регионални и меѓународни проекти од делокругот на работата на двете институции како и реализација на научни проекти во областа на земјоделството, шумарството, рударството, геологијата, сообраќајот, инфраструктурата, метеорологијата, геотектонтиката и друго.