Балкан

Столтенберг: „Северна Македонија придонесува во регионалната безбедност“

Состанокот го отвори генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, кој истакна дека Скопје и Атина покажале историска одлучност со решавањето на спорот со името, алудирајќи на Преспанскиот договор потпишан меѓу Северна Македонија и Грција.

Abdula Berisha  | 03.06.2019 - Обновена : 03.06.2019
Столтенберг: „Северна Македонија придонесува во регионалната безбедност“ ( Foto: Abdula Berisha/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Во рамки на посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се одржа состанок на Североатлантскиот совет со Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).

Состанокот го отвори генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, кој истакна дека Скопје и Атина покажале историска одлучност со решавањето на спорот со името, алудирајќи на Преспанскиот договор потпишан меѓу Северна Македонија и Грција.

„Вие сега градите подобра иднина за вашата земја, давајќи придонес во регионалната и трансатлантската безбедност, а го обезбедувате и суверенитетот и просперитетот на Северна Македонија“, рече Столтенберг.

Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, нагласи дека членството на земјата во НАТО е реализација на аспирациите на граѓаните и на сите политички партии.

„Секогаш постоел широк натпартиски и меѓуетнички консензус за нашето членство во НАТО. Тоа беше една од нашите најсилни идеи водилки и кога ни беше најтешко“, истакна Заев, осврнувајќи се на безбедносната криза од 2001 година и на политичката криза пред две години.

Столтенберг, кој беше придружуван од страна на амбасадорите на земјите членки на НАТО, односно членките на Североатлантскиот совет, реализира дводневна посета на Северна Македонија.

Во текот на денот, пред Владата на Северна Македонија се одржа официјален пречек со високи државни и воени почести по повод посетата на Столтенберг, а потоа имаше тет-а-тет средба на Столтенберг и премиерот Заев.

Вчера, Столтенберг се состана со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, а во рамки на неговата посета предвидено е да се сретне и со претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Северноатлантскиот совет е главното политичко тело кое донесува одлуки во НАТО. Советот ги разгледува воените политики и процеси поврзани со безбедносното прашање што влијаат врз Алијансата. Советот го сочинуваат претставници на земјите членки на Алијансата, а претседател на Советот е генералниот секретар.

Ова е прва посета на генералниот секретар на НАТО и на Северноатлантскиот совет во Скопје, по потпишувањето на Протоколот за членство на земјата во НАТО.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.