Admir Fazlagic
03 Јуни 2019•Ажурирај: 03 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) – Пред платото на Владата на Република Северна Македонија се одржа свечен пречек со највисоки државни и воени почести по повод посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, и делегацијата беа пречекани од премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, и владината делегација.
По официјалната церемонија преминаа во просториите на Владата, каде што се одржува тет-а-тет средба со премиерот Заев, следува состанок на Северноатлантскиот совет со Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО.
По предвидените состаноци, најавена е и заедничка прес-конференција на Столтенберг и Заев.
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, ќе се сретне и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Столтенберг вчера претстојуваше во посета на Албанија, каде што се состана со државниот врв на оваа земја, а од таму пристигна на „Меѓународниот аеродром Скопје“, заедно со амбасадорите на земјите членки на НАТО, односно Северноатлантскиот совет.
По пристигнувањето во земјата, во Собранието на Република Северна Македонија се одржа свечен прием на кој присуствуваа претседателот на Собранието, Талат Џафери, владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, како и странските дипломати во Скопје.
Северноатлантскиот совет е главното политичко тело кое донесува одлуки во НАТО.
Советот ги разгледува воените политики и процеси поврзани со безбедносното прашање што влијаат врз Алијансата. Советот го сочинуваат претставници на земјите членки на Алијансата, а претседател на Советот е генералниот секретар.
Ова е прва посета на генералниот секретар на НАТО и на Северноатлантскиот совет во Скопје, по потпишувањето на Протоколот за членство на земјата во НАТО.
Потсетуваме, Столтенберг во Северна Македонија престојуваше во септември минатата година во пресрет на референдумот за промена на името на државата што беше дел од Преспанскиот договор (Договор за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција), при што порача дека земјата има историска можност да стане членка на НАТО.