Admir Fazlagic
04 Јуни 2019•Ажурирај: 05 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, учествуваше на регионалната конференција на Подгоричкиот клуб, на тема „Проширувањето на Европската Унија на крстопат“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кабинетот на претседателот Пендаровски соопшти дека тој во своето обраќање на конференцијата истакнал дека регионалната соработка е клучна за развојот на државите, како и тоа дека е неопходно поврзување на сите нивоа, од политичко, економско, сѐ до инфраструктурно.
Во своето обраќање Пендаровски потсети дека ова е многу значаен период за државата, додавајќи дека минатата недела, Северна Македонија го доби најдобриот и најпозитивниот Извештај од Европската комисија за напредокот во интеграциите.
„Добивме чиста и безусловна препорака за отпочнување на пристапните преговори за членство во Европската Унија“, рече Пендаровски.
Според Пендаровски, членството во НАТО и во Европската Унија е највисок стратешки приоритет на Северна Македонија, што ги обединува сите сегменти на мултиетничкото демократско општество.
Меѓу другото, во своето обраќање Пендаровски рече дека со потпишувањето на Преспанската спогодба минатата година, донесена е една од најтешките одлуки од независноста на земјата.
„Со право очекувавме Европскиот совет уште тогаш да го валоризира тој храбар чекор и да ни додели датум за преговори. Но тоа не се случи. Одложувањето на доделувањето датум за преговори негативно влијаеше врз исходот на референдумот за прашањето за името“, потенцираше Пендаровски, и додаде:
„Верувам дека во слична ситуација се најдоа и други држави од регионот. Доколку на Северна Македонија и Албанија не им се даде датум за почеток на преговори за членство, а на Босна и Херцеговина позитивно мислење за поднесеното барање за членство, наместо суштински напредок, во регионот ќе имаме разочарување.“
Пендаровски порача дека „секое дополнително одложување на преговорите ќе ја наруши кредибилноста на Европската Унија, ќе ги демотивира граѓаните, ќе го забави реформскиот процес и негативно ќе влијае на стабилноста на регионот“.
„Единствен начин трајно да се спречи ширењето на малигните геополитички влијанија во нашиот регион е доследно продолжување на политиката на проширување и на Европската Унија и на НАТО“, истакна Пендаровски.
Регионална конференција на тема „Проширувањето на ЕУ на крстопат“ се одржа во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Бранко Црвенковски и Подгоричкиот клуб.
Во заедничката Декларација од оваа регионална конференција се наведува дека „од клучна важност е да се усвои одлуката за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија“.
Подгоричкиот клуб е основан во февруари оваа година во главниот град на Црна Гора. Членови на Подгоричкиот клуб се поранешни претседатели и премиери на Црна Гора, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Северна Македонија, Албанија и Косово.
Според основачкиот акт, Подгоричкиот клуб ќе биде посветен на просперитетот, добрите односи и афирмација на европските вредности во државите членки на овој клуб, како и во регионот на Југоисточна Европа. Исто така, акцентот ќе биде ставен на развојот на добрососедските односи во регионот, заштитата на човековите права и правата на немнозинските заедници.