Besar Ademi
04 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија се одржа информативна работилница за консолидација на земјиштето, во рамките на проект „Воведување национална програма за консолидација на земјиштето (MAINLAND)“, финансиран од Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Проектот го реализира Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации, во партнерство со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Целта на овој проект е да им се помогне на малите земјоделци и локалните рурални заедници да ги адресираат структурните проблеми за фрагментација на земјоделското земјиште и малата површина на фармите.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека овој проект има за цел да се реши еден од наголемите структурни проблеми за развој на земјоделството во земјата.
„Тоа ќе им помогне на малите земјоделски стопанства и на руралните заедници да ја зголемат продуктивноста, конкурентноста и ефикасноста на фармите што ќе придонесе за зголемување на потенцијалот на земјоделскиот сектор и подобрување на животниот стандард во руралните средини“, истакна министерот Николовски.
Од друга страна, евроамбасадорот Самуел Жбогар нагласи дека овој проект ја реафирмира важноста што ЕУ ја придава за развојот на земјоделскиот сектор и на руралните заедници.
„Искуството на земјите-членки на Европската Унија докажа дека е можно обединување, односно консолидација на земјиштето и заштита на животната средина. Го повикувам министерството и Организацијата за храна и земјоделство да ги вклучат сите можни акции во проектот за да се заштити убавата рурална средина во корист на идните генерации“, истакна Жбогар.
Проектот МАИНЛАНД, чија реализација започна пред два месеца, е во износ од 2,5 милиони евра, и се очекува да се реализира во период од околу три и пол години.