Балкан

Во Албанија продолжуваат тензиите околу одлуката за откажувањето на изборите

Во неколку градови имаше тензии и судири откако поддржувачи на опозициските партии и вработени во општините ги оштетија канцелариите и избирачките материјали во неколку регионални изборни комисии

Fatjon Cuka  | 19.06.2019 - Обновена : 21.06.2019
Во Албанија продолжуваат тензиите околу одлуката за откажувањето на изборите

ТИРАНА (АА) - Во Албанија и во текот на денешниот ден имаше тензии и судири меѓу поддржувачите на опозициските партии и полициските службеници, во врска со одлуката на претседателот на земјата, Илир Мета, за откажување на локалните избори, а полицијата употреби и солзавец, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во градовите Мат, Берат, Ѓирокастро, Поградец и Кукс имаше тензии и судири откако поддржувачи на опозициските партии и вработени во општините ги оштетија канцелариите и избирачките материјали во неколку регионални изборни комисии, а неколку лица се повредени.

Во врска со овие настани реагираше и албанскиот премиер, Еди Рама, кој на собир со жителите на Тирана, во рамки на изборната кампања, рече дека „нема да им се дозволи да ја напуштат земјата 5-10 години на тие што извршиле изборен криминал“.

„Целиов овој неред се прави поради стравот од реформите во судството. Ги сожалувам тие кои ги следат бидејќи завршуваат во затвори“, рече Рама.

Градоначалниците на неколку општини кои се под раководство од опозициските партии, Демократската партија и партијата Социјалистичко движење за интеграција, бараат спроведување на декретот на претседателот Мета за откажување на изборите и престанок со работа во просториите на изборните комисии.

Од друга страна, Централната изборна комисија истакна дека барањата на градоначалниците „се пречекорување на ингеренциите, правата и надлежностите наведени во Законот за локална самоуправа“.

Во врска со вчерашните тензии и оштетувањето на канцелариите и избирачките материјали, полицијата уапси пет лица во Скадар и седум лица во Тропоја.

Потсетуваме дека албанскиот претседател, Илир Мета, на 10 јуни ја официјализираше одлуката за укинување на декретот за локални избори, без да декретира нов датум, предизвикувајќи бројни реакции. Мета одлучи да го укине декретот од 5 ноември 2018 година за утврдување на датумот за избори за органите од локалната власт, и да го откаже 30 јуни 2019 година како датум за одржување на локалните избори.

Оваа одлука, владејачката Социјалистичка партија на Албанија предводена од премиерот, Еди Рама, ја отфрли како неоснована во Уставот, и продолжи со кампањата за локалните избори.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın