Балкан

Проект на ТИКА за образованието на децата со аутизам во Северна Македонија

„Најважно нешто е што имаме одделение за деца со аутизам кое е реновирано во потполност и опремено со сите алатки и материјали кои ќе им служат во образовниот процес“, рече амбасадорката Кара

Furkan Abdula  | 20.06.2019 - Обновена : 21.06.2019
Проект на ТИКА за образованието на децата со аутизам во Северна Македонија

СКОПЈЕ (АА) - Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) организираше церемонија по повод отворањето на реновираното и опремено одделение за образование на деца со аутизам во градинката „Снежана“ во скопската општина Чаир, јавува Anadolu Agency (AA).

На церемонијата присуствуваа амбасадорката на Република Турција во Северна Македонија, Тулин Еркал Кара; заменик-министерот за труд и социјална политика на Република Северна Македонија, Ѓонул Бајрактар; градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу; координаторот на ТИКА - Скопје, Ајтекин Ајден; директорот на градинката, Даниела Костенцова; претставници на Владата, учители, наставници, ученици и други гости.

По обиколката на просториите за образование на децата со аутизам, кои беа реновирани и опремени од страна на ТИКА, гостите имаа можност да чујат песнички испеани од дечињата од различни етнички заедници на различни јазици, кои презентираа и други активности.

Амбасадорката Кара, по свечената церемонија, за претставниците на медиумите изјави дека ТИКА забрзано напредува да им служи на потребите на граѓаните, и ѝ се заблагодари на ТИКА за спроведениот проект во оваа градинка во која на едно место има одделенија од различни етнички групи.

Потсетувајќи дека ТИКА спроведува сериозни активности во целиот свет, амбасадорката Кара изјави „Тоа е најдобар показател дека моќната Турција е подготвена во секој момент.“

„Најважно нешто е што имаме одделение за деца со аутизам кое е реновирано во потполност и опремено со сите алатки и материјали кои ќе им служат во образовниот процес. Истовремено, на сите деца им се поделени најразлични играчки. Можам да кажам дека сиот вложен труд на најубав начин е возвратен со насмевките што ги видовме на лицата на децата“, рече амбасадорката Кара.

Истакнувајќи дека подеднакво се однесуваат кон секоја единка во земјава, без да се прави дискриминација, амбасадорката Кара рече:„Би сакала уште еднаш да повторам дека како Република Турција, по секое прашање и во секаква ситуација, ќе продолжиме да бидеме крај вас.“

Координаторот на ТИКА - Скопје, Ајден, зборувајќи за спроведениот проект, истакна дека станува збор за еден од најзначајните проекти што ТИКА го организирала во Северна Македонија. Тој рече дека во градинката која се наоѓа во општина Чаир, ТИКА го спровела овој проект со цел да го даде својот придонес во наставата за децата кои имаат потреба од специјална образовна грижа, овозможувајќи им подобро образование и можност за сопствен развој.

„На средбите со раководството на градинката и другите официјални лица, побарано е дел од градинката да биде претворено во одделение за настава на децата со аутизам. Го организиравме проектот, го спроведовме реновирањето и специјално го опремивме одделението со материјали, опрема и играчки кои ќе можат да им служат на децата“, рече Ајден.

Потсетувајќи дека изминатите месеци ТИКА организирала специјални семинари за обука поврзани со аутизмот, Ајден додаде: „Се надевам дека во деновите што претстојат, децата со аутизам во Северна Македонија ќе можат подобро да се образоваат, ќе можат да напредуваат во сопствениот развој, без да бидат товар на сопствените семејства, и дека подобро ќе се приспособат во социјалната средина. Во тоа име, ние, како ТИКА, со различни проекти, активности и програми во образованието, секогаш ќе продолжиме да ѝ даваме поддршка на Република Северна Македонија и на народот на оваа земја.“

Заменик-министерот за труд и социјална политика на Северна Македонија, Бајрактар, рече дека тоа што го направила ТИКА, од аспект на Министерството, претставува многу голем и значаен проект.

„Наша цел како Министерство е децата со посебни потреби да ги интегрираме во општествениот систем и да им овозможиме да се образоваат заедно со децата во градинката. Уверени сме дека овие специјални простории ќе бидат од голема помош за нив“, изјави Бајрактар.

Градоначалникот на општина Чаир, Ганиу, заблагодарувајќи ѝ се на ТИКА за соработката во реализирањето на споменатиот проект, истакна „Сметам дека најголема потреба од инвестиции имаат лицата со посебни потреби. Со задоволство ги поздравувам сите инвестиции на ова поле во образованието.“

Директорката на градинката, Костенцова, им се заблагодари на ТИКА и на Турција за спроведениот проект.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.