Балкан

Скопје: Одбележан Меѓународниот ден на бегалците

Во рамки на настанот организиран од Правниот факултет, се доделија сертификати за студентите кои ја завршиле практикантската работа за правата на бегалците

Abdula Berisha  | 20.06.2019 - Обновена : 20.06.2019
Скопје: Одбележан Меѓународниот ден на бегалците (Foto: Abdula Berisha/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје го одбележа Меѓународниот ден на бегалците, при што се доделени сертификати за студентите кои успешно ја завршија практикантската работа во рамките на „правната клиника“, јавува Anadolu Agency (AA).

Освен студентите и професорите, на овој настан присуствуваа и претставници на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР), претставници од Македонското здружение на млади правници и од Здружението на новинарите на Македонија.

Моника Сандри, претставничка на УНХЦР во Скопје, рече дека овој настан спојува две важни работи: правата на бегалците и свесноста за тие права.

„Ние во УНХЦР сме добро запознаени со важноста во вложувањето во образованието и во професионалното новинарство, со оглед на тоа што тие се главни агенти за трансформација на општествата“, рече Сандри.

Професорот Сашо Ѓорѓиевски зборуваше околу програмата на Правниот факултет за правата на бегалците, за која рече дека започнала минатата година и дека им овозможува на студентите вкрстување на теоретските знаења со практичните вештини.

„Морам да кажам дека 26 студенти веќе ги завршија двата циклуса на оваа клиничка програма. Она што е најважно, е дека програмата е организирана во партнерство помеѓу три институции: Правниот факултет, УНХЦР и Здружението на млади правници“, рече Ѓорѓиевски.

Во рамки на настанот се доделија сертификати за студентите кои успешно ја завршија практикантската работа и беа доделени награди за професионално известување за состојбата на бегалците во Северна Македонија.

Одбележувањето на Меѓународниот ден на бегалците има за цел подигање на јавната свест за тешкотиите со кои се соочуваат милиони бегалци кои се принудени да ги напуштат своите домови.

Според извештајот на УНХЦР, минатата година, над 70 милиони луѓе во светот биле принудени да ги напуштат своите домови поради војни, конфликти и прогони, што, според извештајот, претставува најголема бројка во последните 70 години.

Потсетуваме, во времето на бегалската криза во 2015 и 2016 година, Северна Македонија беше дел од таканаречената Балканска рута низ која поминуваа бегалците што доаѓаа од земјите на Блискиот Исток. Од март 2016 година, оваа рута официјално е затворена.

Според податоците на Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ), низ Балканската рута во 2015 и 2016 година поминале над 1,1 милион луѓе.

Во однос на моменталната состојба во земјава, според податоците на Канцеларијата на УНХЦР во Скопје, од почетокот на месецот, во земјава има 76 бегалци.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.