Admir Fazlagic
20 Јуни 2019•Ажурирај: 21 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ја прими амбасадорката на Република Турција, Тулин Еркал Кара, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски, на средбата двајцата соговорници разговарале за билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, при што изразиле задоволство од силното и традиционално пријателство и од континуираниот позитивен тренд, како во политичките, така и во економските односи меѓу двете држави.
Претседателот Пендаровски истакнал дека негувањето на стратешкото партнерство со Турција е од исклучително значење за Северна Македонија, изразувајќи очекување за натамошно унапредување и зацврстување на соработката во сите области од заемен интерес.
Претседателот Пендаровски на средбата потенцирал дека Северна Македонија високо ја цени и ја почитува континуираната помош од Турција на нашиот евроатлантски пат
„Нашето членство во Северноатлантскиот сојуз позитивно ќе влијае врз натамошната регионална соработка и ќе придонесе за траен мир и стабилност на Балканот, заложби коишто заеднички ги споделуваат и Северна Македонија и Турција“, порача претседателот Пендаровски на средбата.
Амбасадорката Еркал Кара на претседателот Пендаровски му ги пренела честитките од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по повод стапувањето на функцијата, и му посакала успех во работата, додавајќи дека Република Турција ќе продолжи да биде поддржувач на Република Северна Македонија.