Elena Trenchevska Chekovic
27 Август 2021•Ажурирај: 29 Август 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, остро го осуди терористичкиот напад во Кабул, Авганистан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Остро го осудувам ужасниот терористички напад во Кабул, кој одзеде животи на Авганистанци и американски персонал“, истакна Пендаровски преку Твитер.
Тој упати сочувство до оние што ги загубија своите најблиски.
„Евакуацијата мора да продолжи за да се извлечат што е можно повеќе цивили под вонредните околности“, порача Пендаровски.
Вчера во близина на аеродромот во Кабул, Авганистан, одекнаа неколку експлозии, во кои животот го загубија над 90 лица, меѓу кои и американски војници, додека ранети се над 150 лица.
По заземањето на Кабул на 15 август, талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан. Аеродромот во Кабул е подрачје сè уште под контрола на Американците поради евакуацијата на цивили и воен персонал од земјата. Илјадници луѓе чекаат пред аеродромот, барајќи начин да влезат внатре и да се качат на лет за надвор од државата.