Admir Fazlagic
21 Декември 2020•Ажурирај: 21 Декември 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, го прими претседателот на Големото национално собрание на Република Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, кој престојува во посета на земјава, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Кабинетот на претседателот Пендаровски соопшти дека на средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, што се одвиваат во духот на силно традиционално пријателство и партнерство, преку соработка на сите нивоа.
„Претседателот Пендаровски изрази уверување дека со сојузништвото во НАТО двете држави даваат придонес за стабилноста и безбедноста во регионот. Двајцата соговорници изразија очекување за натамошно продлабочување на македонско-турските билатерални односи, во сите сфери од заемен интерес, вклучувајќи ја меѓупарламентарната соработка", се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот на Северна Македонија.
Се додава дека на средбата биле разменети мислења и информации и за актуелните состојби во двете држави, вклучително и во контекст на пандемијата од Ковид-19, како и за целокупните состојби во регионот.
Претседателот Пендаровски изрази благодарност за севкупната помош од Турција за справување со пандемијата од Ковид-19, истакнувајќи ја важноста на солидарноста, соработката и меѓусебната поддршка на државите, како важен предуслов за успешно справување со последниците од глобалната пандемија.
Претседателот на ТБММ, Мустафа Шентоп, кој престојува во посета на Северна Македонија по повод Денот на наставата на турски јазик – 21 Декември, денеска се состана и со претседателот на Собранието на РСМ Талат Џафери, премиерот Зоран Заев.