Furkan Abdula
07 Јуни 2022•Ажурирај: 08 Јуни 2022
ОХРИД (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, вечерва заедно со своите колеги од Владата, во вилата „Билјана“ во Охрид ги пречека лидерите од регионот, кои утре ќе учествуваат на официјалниот дел од самитот „Отворен Балкан“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, пред почетокот на работната вечера Ковачевски им посакал добредојде на српскиот претседател Александар Вучиќ, на премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Дритан Абазовиќ, и на претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.
Ковачевски нагласи дека со особена чест ги пречекува на самитот, посветен на иднината на иницијативата „Отворен Балкан“.
„Ја нагласувам иднината затоа што докажавме дека Отворен Балкан го става зад себе минатото. Наместо ѕидови како некогаш, Отворен Балкан гради мостови. Отвора нови перспективи за нашите држави, за нашите народи, за нашите економии и за нашите општества“, истакна Ковачевски во поздравниот говор пред почетокот на работната вечера со колегите од регионот.
Тој посочи дека иницијативата „Отворен Балкан“ ги брише границите меѓу народите на земјите од регионот и преку заедничката соработка и поврзаност ја остварува заедничката визија за споделување на европските вредности.
„Со Отворен Балкан се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи да ги почувствуваат директните економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Со претседателот Вучиќ и со премиерот Рама се согласивме дека европеизацијата и имплементацијата на европските вредности во Северна Македонија, Србија и Албанија нема зошто да чекаат. И овој пат порачуваме дека поканата за придружување кон иницијативата Отворен Балкан е отворена за сите земји од регионот. Вечерва со нас се Црна Гора и Босна и Херцеговина и се надевам дека оваа иницијатива ќе се проширува и понатаму“, истакна Ковачевски.
Поздравувајќи ги гостите, Ковачевски посака успешен и просперитетен самит со нови идеи за развој на регионот и за придобивка за сите граѓани.
Иницијативата „Отворен Балкан“ моментално опфаќа економска и политичка област меѓу Албанија, Северна Македонија и Србија, која има за цел да ги поттикне можностите за трговија и размена за околу 12 милиони луѓе, како и да ја поттикне интеграцијата на трите земји во Унијата.
За прв пат од постоењето на иницијативата, на самитот учествуваат и лидерите од Црна Гора и Босна и Херцеговина.