Seyyid Emin
01 Август 2018•Ажурирај: 02 Август 2018
ОХРИД (АА) - Денес во Охрид се одржа церемонија по повод отворањето на новата автобуска станица, како и по повод започнувањето на изградбата на новиот трговски центар „Охрид Мол“ - две инвестиции извршени од страна на туристичката агенција „Делфина Турс“, јавува Anadolu Agency (AA).
На оваа церемонија беа присутни премиерот на Македонија, Зоран Заев, градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојановски, сопственикот на „Делфина Турс“, Аднан Исмаил, претставници на турски и домашни институции и организации во земјата, како и други поканети гости.
Премиерот Заев, во своето обраќање пред присутните, истакна дека оваа автобуска станица која денеска стартува со употреба, ставена е на целосно располагање на охриѓани, но и на сите граѓани низ цела Македонија, и дека преку новиот модерен пристап до Охрид овозможува полесна пристапност и примамливост за сите туристи кои ќе доаѓаат во Охрид.
„Ние како јавна администрација, ги продолжуваме сите убави работи кои се започнати дури и пред нас, и со тоа испраќаме порака до сите инвеститори за стабилноста во државата, за големата мотивираност, поради тоа што сме свесни дека за да влезете во едни вакви проекти треба да соберете малку повеќе храброст“, рече Заев, нагласувајќи дека овие инвестиции ќе бидат едно ново обележје на Охрид.
„Навистина сум среќен за секоја домашна инвестиција која се случува во нашата Македонија, затоа што е добро, прво поради тоа што овозможува приход на локално ниво, носи приход на државно ниво, отвора нови работни места за младите луѓе, прави своевиден притисок за зголемување на нивните плати за тие да остануваат овде, но испраќа и сериозна порака за охрабрување на сите потенцијални инвеститори“, додаде тој.
Премиерот Заев нагласи дека покрај автопатот Кичево - Охрид, и понатаму продолжуваат со изградбата и рехабилитацијата на автопатот Кичево - Гостивар, и дека веќе се работат проектни документации за изградба на нов пат за кој во наредните години верува дека ќе ѝ се случи на овој дел на Македонија, а тоа е патот Ресен - Охрид, за да, како што рече, комплетно, инфраструктурата се направи многу лесно достапна, примамлива за сите граѓани од Македонија, но и од целиот овој регион, да бидат дополнително мотивирани да го посетуваат Охрид.
Градоначалникот на општина Охрид, Стојановски, изрази задоволство за тоа што во градот Охрид денес имаат можност да го отворат овој капитален објект.
„Секако дека во иднина сето ова ќе придонесе и за зголемен број туристи, зголемен туристички промет, зголемување и подобрување на туристичката понуда, а се разбира дека ќе придонесе нашиот град да добие и една нова содржина, која во иднина ќе значи поквалитетен живот за граѓаните“, рече тој.
Сопственикот на „Делфина Турс“, Исмаил, упати благодарност до сите за нивната поддршка, оваа домашна македонска инвестиција, од проектна хартија да стане охридска реалност.
Тој рече дека во 2015 година општина Охрид отворила јавен оглас за продажба на земјиште на кое инвеститорот требало да изгради терминал автобуска станица.
„Нашата компанија „Делфина Турс“ го купи земјиштето, и кон крајот на 2016 година, по добивањето на одобрението за градба, почнавме со изградба на автобуската станица. Горди сме што зборот што го дадовме тогаш пред јавноста дека Охрид ќе има една од најмодерните автобуски станици во регионот, го исполнивме во целост, а резултатот е тука пред сите нас“, додаде Исмаил.
Според него, заедно со автобуската станица добиено е и одобрение за изградба на трговски центар што ќе биде прв од ваков вид не само во Охрид туку и во регионот.
Двата проекта се во вкупна инвестиција од 7 милиони евра. Автобуската станица е изградена на површина од 18.600 метри квадратни.