Rauf Maltaş
28 Јуни 2021•Ажурирај: 29 Јуни 2021
ШАНЛИУРФА (АА) - Турските власти објавија дека се откриени 11 нови ридови околу познатиот антички локалитет Гобеклитепе во југоисточната турска област Шанлиурфа, јавува Агенција Анадолија (АА).
„[Откривме] уште 11 големи ридови на линија од 100 километри околу Гобеклитепе. Тука, за првпат ќе ги презентираме деталите и сега ќе ги наречеме 12 ридови“, изјави во Шанлиурфа турскиот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој.
Говорејќи пред новинарите, Ерсој истакна дека пред завршување е голема студија за 12-те ридови и дека ќе биде претставена во септември.
Тој рече дека областа може да се нарече „пирамидите на југоисточна Турција“.
„Кога ќе ја погледнете Месопотамија, овој регион има уникатна култура. Има своја регистрирана гастрономија. Има многу производи. И кога тоа ќе го искомбинирате со неговата уникатна археолошка вредност е прекрасна работа“, додаде Ерсој.
Потсетувајќи на основањето на Турската агенција за промоција и развој на туризмот во 2019 година, Ерсој нагласи дека главната цел на Агенцијата е „да го прошири туризмот низ нашите 81 област во Турција до 2023 година“.
Гобеклитепе од 2011 година е на Тентативната (пробна) листа на УНЕСКО за светско наследство. Локалитетот е откриен во 1963 година кога на тоа место работеа истражувачи од универзитетите во Истанбул и Чикаго.
Во заедничките активности на ова место од 1995 година, Германскиот археолошки институт и Музејот во Шанлиурфа открија обелисци во форма на буквата Т од периодот на неолитот, високи од три до шест метри и тешки 40-60 тони.
За време на ископувањата откриени се и различни артефакти стари 12.000 години, како што се човечки статуетки високи 65 сантиметри.