Abdula Berisha
12 Април 2023•Ажурирај: 13 Април 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими на средба Џејмс Рубин, специјален претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, пренесува Анадолу.
Според соопштението испратено од Кабинетот на Претседателот, на средбата се разговараше за напорите и начините за справување со дезинформациите и нивното влијание врз развојот на демократските процеси на глобално ниво.
„Претседателот Пендаровски оцени дека дезинформациите имаат потенцијал да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот и поради тоа се една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави. Во таа насока ја нагласи потребата од постојано вложување во ресурси и вештини за нивно препознавање и разобличување, како и создавање на национални стратегии за опсежен одговор на дезинформациите“, се вели во соопштението.
Исто така, претседателот ја истакна посветеноста на Северна Македонија да продолжи активно да работи за јакнење на отпорноста кон дезинформациите, превенирање и намалување на штетните влијанија, вклучувајќи ја отпорноста на кампањите на дезинформации што имаат за цел да поттикнуваат антизападно расположение кај македонските граѓани, и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции.
Во текот на вчерашниот ден, американскиот дипломат Рубин се сретна со премиерот Димитар Ковачевски, кој беше придружуван од вицепремиерот Артан Груби.
Исто така, Рубин вчера одржа и одделна средба и со министерката за одбрана, Славјанка Петровска.