Bekim Laci
20 Февруари 2019•Ажурирај: 21 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Членството во НАТО не претставува само стратешка цел на земјата, бидејќи членството се гледа како една добра можност за подобрување на државата, институциите и самиот себе, рече министерката за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, на дебатата на тема „Перспективите од македонското членство во НАТО“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во присуство на странски амбасадори акредитирани во земјата, експерти и други функционери во земјата, Шекеринска нагласи дека членството во НАТО значи дека од овој момент „ние сме дел од клубот кој нè прави да имаме одговорност и обврски, бидејќи на секоја средба ние ќе бидеме анализирани и оценети врз основа на нашите постапки, затоа во наредните месеци ќе се оформи сликата на Северна Македнија како идна членка на НАТО“.
Шекеринска рече дека однесувањето на Северна Македонија во НАТО ќе биде многу значаен критериум и за членството на земјата во Европската Унија (ЕУ).
„НАТО Алијансата знае да им помогне на земјите да ги решат своите билатерални или своите регионални проблеми. Нашиот голем успех во изминатиот период не е само тоа што го решивме спорот прво со Бугарија, потоа и со Грција, туку тоа што првите ратификации доаѓаат од нашите соседи“, истакна Шекеринска, и додаде дека пред 20 години регионот бил опфатен со конфликти, а дека сега целиот регион е сменет во позитивна насока.
Националниот координатор за подготовка на Република Северна Македонија за членство во НАТО, Стево Пендаровски, рече дека со членството во Алијансата земјата ги потврдува и запечатува своите граници, но сепак, како што додаде, војните за територии му припаѓаат на минатото, и најголемите закани со кои се соочува НАТО моментално се киберзаканите, каде што Алијансата инвестира многу, и им помага на своите членки да бидат добро подготвени.

„НАТО сојузниците имаат многу информации на пример за религиозниот екстремизам, кој е проблем и во нашиот регион. Според податоците од нашите служби, на боиштата на Блискиот Исток имаме над 150 луѓе кои се бореле или сѐ уште се борат, од кои половината се вратени во регионот или кај нас, тие може да направат големи проблеми“, истакна Пендаровски, и рече дека земјата нема апарат за да ја покрие целата таа територија со разузнавачки информации за целите на тие лица откако ќе се вратат, но НАТО има, и може да ги сподели тие информации.
На денешната дебата се очекува познавачите на настаните да разменат мислења и инфорации во врска со перспективите што ја очекуваат земјата по членството во НАТО, додека на почетокот на настанот, амбасадорката на Хрватска, Данијела Баришиќ, изврши примопредавање на должноста НАТО-контакт амбасада во Северна Македонија, на нејзиниот словенечки колега, Милан Јазбец, чија Амбасада ќе ја има таа функција во наредниот период.