Husamedin Gina
30 Мај 2022•Ажурирај: 31 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во неговиот Кабинет на свечена церемонија им додели Орден за заслуги на добитникот на Нобеловата награда за економија, Пол Кругман, и на Стопанската комора на Северна Македонија, како организација, а со Повелба на Република Северна Македонија е одликуван Бранко Азески, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање на свеченоста, претседателот Стево Пендаровски истакна дека денеска има голема чест да одликува две личности, економистот Пол Кругман и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, и една организација, Стопанската комора на Северна Македонија, кои имаат особени заслуги за економската мисла, но и за економската дејност на глобално и на национално ниво.

„Минуваме низ период на голема неизвесност поради бројните и испреплетени кризи што меѓусебно се зајакнуваат. Пандемијата на Ковид-19 и руската инвазија на Украина предизвикаа рецесија, енергетска криза и ценовни шокови на глобалните пазари“, нагласи Пендаровски.
Истакнувајќи дека се очекува јавниот долг, инфлацијата и цените на производите да продолжат да растат, претседателот Пендаровски додаде дека се продлабочува нееднаквоста меѓу државите и внатре во државата.
Како што беше истакнато на церемонијата, Пол Кругман го доби Орденот за заслуги за иновативност, визија и особен придонес во сферата на економијата, преку поставувањето на нов модел на меѓународна трговија и основање на нови дисциплини во меѓународната економија, како и за неговата дејност како универзитетски професор и објавувањето на големиот број значајни научни дела и трудови.

Стопанската комора на Северна Македонија пак, беше одликувана со Орден за заслуги за својот 100-годишен грижлив и посветен влог и траен придонес во развојот на стопанството и поврзувањето на различните еснафски стопанственички структури, со што се обезбеди сигурна основа за постојано подобрување и развој на условите за стопанисувањето и конкурентноста на пазарот, како темел за стабилност и економски просперитет на државата.
Со Повелба на Република Северна Македонија беше одликуван Бранко Азески за фундаментален придонес во осовременувањето и развојот на стопанството, како и за високото професионално раководење со Стопанската комора и секторот на стопанството, со што даде непроценлив придонес во застапувањето на интересите на македонската економија, а што е во интерес на целото општество.