Husamedin Gina
16 Декември 2020•Ажурирај: 17 Декември 2020
СКОПЈЕ
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека во целокупниот македонски политички врв, и во власта и во опозицијата, не познава ниту еден кој е подготвен да тргува со „најсветите работи за секој Македонец“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Пендаровски денеска пред пратениците на Собранието го имаше традиционалното годишно обраќање, на кое зборуваше за внатрешни, регионални и меѓународни теми.
Пендаровски своето обраќање го започна со изразување сочувство до најблиските на сите кои ги загубија животите од последиците на пандемијата на Ковид-19 и ги замоли присутните во собраниската сала да оддадат почит со едноминутен молк на сограѓаните кои ги загубија животите.
Пандемијата, како што истакна претседателот, требаше да биде момент на отрезнување за сите во државата и да доведе до сплотување на нацијата соочена со непознатиот противник, без оглед на сосема легитимните политички, етнички и човечки разлики меѓу нас.
„Во еден дел таа го постигна тоа, меѓутоа, за жал, во другиот, ги засили постоечките антагонизми, го зголеми јазот на поделби во општеството и ги исфрли на површина институционалните слабости, што сѐ заедно, покрај здравствената и политичката криза, ја поткопа и економијата, која кон крајот на годинава и официјално влезе во рецесија“, нагласи претседателот Пендаровски.
Според претседателот, прва и најважна задача што ја очекува државата, веднаш по ставањето под контрола на пандемијата е да се направи длабинска анализа за функционирањето на правИОТ, правниот, политичкиот и економскиот поредок на земјата во изминатата година.
Исто така наведе дека на почетокот на следната година ќе иницира јавна дебата која треба да даде придонес за изработка на правна рамка за реформа на целокупниот систем на кризниот менаџмент.
Во своето обраќање, осврнувајќи се на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ), Пендаровски рече дека „во целокупниот македонски политички врв, и во власта и во опозицијата, не познава ниту еден кој е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец“, и предложи ова прашање да се тргне од дневно-политичката агенда.
За претседателот Стево Пендаровски е „смешно во 2020 година да се соберат лидерите на политичките партии да потпишат свечено дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик“, зборувајќи за барањата за лидерска средба или посебна парламентарна седница за да се утврдат црвените линии во разговорите со Софија.
Пендаровски, истакнувајќи дека кај еден дел од етничките Македонци долги години наназад постои сомнеж дали политичарите Албанци ја поддржуваат борбата за поширока меѓународна афирмација, рече:
„Одговорно тврдам, бидејќи сум сведок на овие процеси 20 години, уште кога во 90-тите преговаравме со Грција, дека албанскиот политички фактор и кога бил на власт, и во опозиција, сите овие години имал крајно коректно однесување и разбирање за нашите напори да го сочуваме и промовираме македонскиот идентитет“, нагласи претседателот.
Честитајќи ги претстојните празници, како што нагласи, не само како претседател, туку како еден од граѓаните на земјава, упати апел „претстојните празници да се прослават дома во кругот на најблиските за да го сочуваме најскапоценото што го имаме – здравјето и животот“.
На обраќањето на претседателот, покрај пратениците присуствуваа и претставници на извршната власт предводени од премиерот Зоран Заев, лидерите на најважните државни институции, како и верски лидери.
Ова беше второ обраќање за претседателот по заземањето на функцијата, а прво пред новиот парламентарен состав.
Претседателот најмалку еднаш годишно го известува Собранието за прашања од негова надлежност, според член 85 од Уставот. Собранието исто така може да побара од претседателот и мислење за прашања од неговата надлежност.