Besar Ademi
19 Август 2016•Ажурирај: 20 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на церемонијата за доделување ордени за воени заслуги, рече дека „19 август ќе биде запишан во модерната историја на Македонија, затоа што пред една година беше прогласена состојба на криза, бидејќи земјата се соочи со еден од најголемите предизвици во последните неколку децении, а тоа е бегалската и мигрантската криза“, јавува Anadolu Agency (АА).
Претседателот Иванов истакна дека кризата ја најде Европската Унија неподготвена и дека многу европски идеали, принципи, политики и механизми паднаа на тестот на оваа криза. Тој додаде дека Фронтекс и Шенген зоната беа подложени на притисокот на бранот мигранти, и тоа покажа дека кризата не може да се реши само со политички изјави и со бирократски процедури, туку мора да се управува со помош на безбедносните и воените структури.
„Погодени од овој голем предизвик, решивме да ја браниме територијата и да го контролираме бранот на мигрантите. Ние бевме првата држава во Европа која не е членка на Европската Унија, која прогласи состојба на криза од заканата од нелегалната миграција, која доаѓаше од територијата на Европската Унија“, рече Иванов.
Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија, и покрај тоа што се обидувала до го направи најдоброто, долго време се соочувала со неодговорноста на услугите на јужниот сосед.
„Иако сме добиле помош и поддршка од голем број европски земји, сѐ уште чекаме да видиме конкретна помош од Европската Унија, чија безбедност ја заштитуваме ние“, додаде тој.
Во продолжение на својот говор, обраќајќи се на Армијата на Република Македонија (АРМ) и надлежните органи за гранични работи, тој рече дека покрај територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, тие ја заштитиле и портата на Европа.
„Досега сѐ издрживме многу добро, но не треба да се опуштиме. Заканата од нелегалната миграција сѐ уште е присутна. Во очекување е втор, помасовен бран мигранти од Африка. Сѐ уште постои закана за принудно отворање на балканскиот коридор за мигрантите. Честите терористички напади ги поларизираа европските општества. Шверцерите не спијат, туку истражуваат за да измислат нови начини, алтернативни патишта на миграцијата за да работат со трговија со луѓе“, рече Иванов.
Претседателот Иванов додели орден на заслуги на Секторот за гранични работи и миграција, како и на Единицата за обука и поддршка на Министерството за внатрешни работи.
Ордените се доделени за посебни заслуги и придонес за суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на земјата и за зајакнување на националната безбедност и безбедноста на граѓаните на Македонија.
Министерот за внатрешни работи на Македонија, Митко Чавков, изјави дека овие две единици на кои им беа доделени ордени за воени заслуги веќе покажаа одлични резултати во областа во којашто вршат дејност и дека граничната полиција е организирана во согласност со европските стандарди за управување со границите.