СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Големото народно собрание на Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, на градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, му ги предаде клучевите од возило за отпад кое е грант дониран од Унијата на турските општини, јавува Агенција Анадолија (АА).
Церемонијата на примопредавањето се одржа во кампусот на Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје, а на неа учествуваа претседателот на турскиот Парламент, Шентоп; градоначалникот на општина Гевегелија, Поцков; амбасадорот на Република Турција во Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок; претседателот на Управниот одбор на ИБУ, Ајдован Адемоски; ректорот на ИБУ, проф. д-р Мехмет Дурсун Ердем; пратеници, претставници на турски институции и организации во земјата, професори и други гости.
Шентоп потсети дека возилото за отпад кое е грант за општина Гевгелија е поставено на дневен ред во јуни во рамките на програмата организирана во Северна Македонија, додавајќи дека возилото е испратено благодарение на придонесот на Фатма Шахин, претседателка на Унијата на турските општини и градоначалничка на турската општина Газиантеп и Зејнел Абидин, заменик-претседател на Унијата на турските општини и градоначалник на Шанлиурфа.
Во оваа пригода, Шентоп се осврна на односите меѓу Турција и Северна Македонија.
„Турција е стар пријател на Северна Македонија. Тоа Турција го покажува и од аспект на билатералните односи, и од аспект на поддршката што ја дава за членството на Северна Македонија во повеќе платформи, институции и организации во Европа и во Северноатлантската алијанса. Очигледно дека односите меѓу Турција и Северна Македонија можат да се опишат и само со еден настан. Турција беше првата држава која по прогласувањето на независноста, Северна Македонија ја призна под уставното име. Затоа постои толку блиска, пријателска, искрена врска меѓу двете земји", истакна Шентоп и додаде:
„Овие односи имаат повеќе димензии, но причина поради која уште повеќе се продлабочија односите е таа што денес во Турција постојат луѓе кои се родени на просторите на Северна Македонија, тука пораснале, или во најмала рака нивните татковци, дедовци и татковците на нивните дедовци се родиле, пораснале и живееле на овие простори.“
Шентоп рече дека при претходниот престој во Северна Македонија на општините Врапчиште и Маврово-Ростуше им предал возило за отпад и градежна машина, кои се грант на Унијата на турските општини, кои заедно со други турски институции се солидаризираат и им помагаат на голем број општини од Балканот.
Истакнувајќи дека кампусот на ИБУ не е само најдобриот на Балканот, туку е еден од најдобрите, најновите и најразвиените во Источна Европа, Шентоп изјави дека овој универзитет претставува многу голема вредност за Северна Македонија, особено поради образованието и понудените можности.
Соопштувајќи дека Турција ги обезбедува сите можности и поддршка за развојот на активностите на Универзитетот, Шентоп информираше дека меѓу Универзитетот за здравствени науки и ИБУ е потпишан протокол за заедничка работа и настава во областа на здравствените науки, вклучувајќи ја и медицината.
Градоначалникот на Гевгелија, Поцков, во свое име и во име на жителите на општината се заблагодари за добиениот грант, истакнувајќи дека грантот е добиен во вистинско време.
По обраќањата, Шентоп му ги предаде клучевите на возилото на градоначалникот Поцков.
По оваа церемонија ИБУ и Универзитетот за здравствени науки потпишаа протокол за соработка.
Во рамките на посетата на Северна Македонија, претседателот на турскиот Парламент и делегацијата што го придружува го посетија претседателот на Уставниот суд на Северна Македонија, Салих Мурат.

Шентоп му го честиташе изборот на Мурат за претседател на Уставниот суд на Северна Македонија, додавајќи дека неговиот избор за претседател на Уставниот суд претставува извор на гордост за турската заедница во Северна Македонија, што во исто време е манифестација на мултикултурните и демократските принципи на Северна Македонија.
- Мурат: „Почестени сме што сме домаќини на Шентоп“ -
Салих Мурат за АА даде оценка за посетата на Мустафа Шентоп, претседателот на Големото народно собрание на Турција, на Северна Македонија.
Истакнувајќи дека 21 декември е еден од најзначајните денови за турското присуство во Северна Македонија, претседателот на Уставниот суд го честиташе Денот на наставата на турски јазик на Турците во земјава.
Мурат го изрази своето задоволство што имаше чест од Турција да го пречека правникот и професор, со потекло од Гевгелија, Мустафа Шентоп, претседателот на Големото народно собрание на Турција.
Давајќи проценка за посетата на Уставниот суд од страна на Шентоп, Мурат изјави: „Тоа е една алка како дел од добрите политички и економски односи меѓу двете земји, која покажува дека тие продолжуваат и во областа на правото. Почестени сме што во Уставниот суд имавме чест да го пречекаме проф. д-р Мустафа Шентоп.“
Мурат, истакнувајќи дека како највисоко судство во Северна Македонија имаат добра соработка со највисокото судство во Турција, рече дека продолжува соработката на Уставниот суд со ТИКА и останатите турски организации.
Мурат потенцираше дека Шентоп е почитуван политичар на овие простори, научник и правник, додавајќи дека иако неговото семејство се иселило од овие простори пред речиси 100 години, тој од сè срце е врзан за Румелија.
Претседателот на Уставниот суд истакна дека средбите на претседателот на турскиот Парламент во Северна Македонија не се засновани само врз пријателските односи меѓу двете земји, додавајќи дека тоа претставува една поголема соработка и братски однос. Тој изјави дека посетата на Уставниот суд од страна на Шентоп претставува посета од љубезност, додавајќи дека го информирал за својата работа.
Осврнувајќи се на поддршката што Турција им ја дава на Турците во Северна Македонија, Мурат изјави: „Постоењето во Северна Македонија долги години мина низ тежок процес. Мислам дека во очите на сонародниците причина за голема среќа претставува фактот што Турција, како матична земја, ги заштити турската култура, достоинството и идентитетот. Турција има голем удел во интеграцијата на сонародниците во Северна Македонија бидејќи како заедница живееме распрскани на многу места. Придонесот на Турција во образованието до културата, уметноста, инфраструктурата, економијата, заштитата на спомениците на културата, ги усреќува сонародниците што живеат на овие простори.“
news_share_descriptionsubscription_contact
