ТИРАНА (АА) - Лидерите на Западен Балкан во главниот град на Албанија, Тирана, одржаа средба за продлабочување на соработката за забрзување на „Четирите слободи на ЕУ“, фокусирајќи се на дискусиите за елиминирање на пречките за слободното движење на луѓе, стоки, услуги и капитал, јавува Агенција Анадолија (AA).
На состанокот во Тирана се собраа премиерот на Албанија, Еди Рама, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, како и претставници на Светската банка, на Соединетите Американски Држави (САД) и Европската комисија (ЕК).
На заедничката конференција, лидерите кои учествуваа на состанокот разговараа за нивните дискусии, важноста на иницијативата за забрзување на „Четирите слободи на ЕУ“ и други прашања.
Премиерот Рама истакна дека состанокот служи за унапредување на процесите започнати со години и за спроведување на договорите направени со години. Рама изјави дека иницијативата Мини-Шенген е инклузивна и дека не исклучува никого.

„Нема да се изморам од повторување дека оваа иницијатива не исклучува никого, дека е сеопфатна, отворена, не условува, не наметнува. Ги повикавме сите во Тирана, како и на претходните состаноци. За мене, константното одбивање на косовските институции да присуствуваат на оваа тркалезна маса е несфатливо и штетно само за Косово“, рече Рама, и додаде:
„Тука сме за да изградиме мост помеѓу минатото и иднината, помеѓу минатото кое нѐ дели и иднината која нѐ спојува.“
Осврнувајќи се на отсуството на Косово на состанокот, во изјава за медиумите по заедничката конференција, Рама рече „Јас би чувствувал лична одговорност ако Косово не би било покането или ако би имало некој услов за Косово.“
Говорејќи за изјавите на вршителот на должноста премиер на Косово, Рамуш Харадинај, во врска со оваа иницијатива, Рама во својата изјава рече дека „Лаже од незнаење или намерно, ова не сум го открил и немам намера да се занимавам со тоа. Вистината е дека тука нема условување и нема наметнување. Оваа иницијатива има единствена цел да ги спроведе претходните договори меѓу сите земји.“
Во своето обраќање премиерот на Северна Македонија, Заев, истакна дека земјите што учествуваат на состанокот се фокусирани на патот кон Европската Унија и додаде дека „заедно тие можат да направат и повеќе“.

„Решивме во февруари да потпишеме меморандум за слободно движење на лица со лични карти и да ги унифицираме процедурите за издавање дозволи за работа на сите граѓани на земјите од регионот, без разлика дали се од Србија, Северна Македонија и Албанија. Со усогласување на овие постапки, имаме можност граѓаните на Северна Македонија и Албанија да имаат корист од таков систем, така што ќе има единствена постапка за издавање визи или работни дозволи“, рече Заев.
Премиерот на Северна Македонија рече дека она што е важно во моментот е тоа што Северна Македонија и Албанија очекуваат позитивни пораки следната пролет.
Заев информираше дека следната средба е планирана да се одржи во Белград. Потоа, како што рече, се очекува да биде состанокот во Подгорица, а дека состаноците можат да продолжат и во Сараево, и во Приштина, како и во Северна Македонија, кога ќе бидат завршени предвремените парламентарни избори најавени за 12 април.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека на Самитот во Тирана се донесени важни одлуки за унапредување на трговската размена на трите земји, а кои ќе бидат потпишани во Подгорица или во Белград.

На прашањето што ќе имаат граѓаните од Мини-Шенгенот, Вучиќ рече дека без соработката на земјите од регионот, кои поединечно се мали, не можат да опстанат.
„Тоа не го гледаат само луѓето кои не сакаат да го видат. Никој од нас не може да опстане без ова. Толку сме мали, неважни, што доколку не се окрупнуваме, ако не работиме заедно, нема да опстанеме“, рече Вучиќ.
Истакна дека инвеститорите не можат да привлечат со воведување на додатни царини и протекционистички мерки.
Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ изјави дека Црна Гора е посветена на регионалните иницијативи кои ја приближуваат кон членството во ЕУ.

„Ние на тоа поле веќе долго време вредно работиме и седум години веќе преговараме со ЕУ. Според тоа, не сме спремни да го менуваме стратешкиот курс, не дојдовме во меѓувреме ниту до некои нови сознанија кои би нѐ двоумеле околу таквата определба. Видовте дека неодамна го соопштивме својот став дека се противиме на идејата по седум години да се менуваат правилата на играта. Наша цел останува Црна Гора како членка на ЕУ, не мислиме дека ни треба каков било супститут, а како што реков, ќе ги поддржиме сите регионални иницијативи кои нѐ приближуваат кон таа цел“, порача Ѓукановиќ.
Состанокот кој се одржа денеска во Тирана е продолжување на претходните два состаноци од ова ниво, одржани во септември во Нови Сад, во Србија и во ноември во Охрид, во Северна Македонија.
Пред почетокот на официјалниот состанок, лидерите учесници повикани на Самитот посетија некои подрачја погодени од земјотресот во Драч на 26 ноември.