Agim Sulaj
31 Декември 2019•Ажурирај: 01 Јануари 2020
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Косово, Хашим Тачи, во последниот ден на 2019 година, во неговата канцеларија одржа прес-конференција со новинарите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тачи 2019 година ја опиша како година со напредок на земјата, но и со процеси кои немале видлив прогрес.
Запрашан за иницијативата „Балкански мини-шенген“, Тачи рече дека Косово не било покането на првиот состанок на лидерите на земјите од регионот, во Нови Сад, и поради тоа, според него не е третирана како еднаква земја.
Тачи нагласи дека како резултат на тоа, по овој состанок на кој Косово не било покането, ги одбил двете други покани упатени од страна на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, и премиерот на Албанија, Еди Рама.
„Република Косово е подготвена да потпише билатерални договори во рамки на регионалната иницијатива кога било, со цел овие договори да го третираат Косово како независна и суверена земја. Под никакви околности, со ниту една друга цена“, додаде Тачи.
Косовскиот претседател истакна дека го цени ставот на албанскиот премиер Рама којшто е подготвен за носење на одлуката за отстранување на сите бариери или отстранување на границата и царината меѓу Косово и Албанија. За тоа, Тачи рече дека ја цени граѓанската, политичката и патриотската храброст на Рама.
„Имајќи ги предвид моите уставни и законски одговорности, како и аспирациите, но и решителноста на мојот став, и бидејќи ние немаме потреба од граници меѓу Косово и Албанија, немаме потреба за ниту една бариера, уште еднаш го повикувам премиерот, мојот пријател Еди Рама, да го определи денот и датумот за отстранување на границата и на која било гранична бариера меѓу Косово и Албанија без да се чека мислење на ниту една соседна земја. Ние сме суверени, ние сме две независни земји“, нагласи тој.
Запрашан од страна на новинарот на АА околу тоа дали мисли дека 2020 година ќе биде година на повторно започнување на дијалогот и донесување заклучок за овој процес, Тачи изрази верување дека новата година ќе биде година во која ќе бидат деблокирани околностите создадени во овој процес, и дека ќе има продолжување или почеток на нов политички процес на дијалогот.
Според Тачи, ова решение може да ја зголеми надежта на граѓаните на земјата за евентуален договор меѓу Косово и Србија.
Тачи истакна дека што се однесува до неговата политичка кариера, тој нема проблеми и по завршување на претседателскиот мандат да продолжи со другите ангажмани надвор од политиката, но рече дека за тоа сѐ уште има време, и дека за избор на претседател потребно е двотретинско мнозинство на пратениците во Парламентот.