Admir Fazlagikj
18 Јуни 2020•Ажурирај: 19 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Кривичниот суд во Скопје на првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски, денеска му изрече казна затвор од девет години, а на второобвинетата Катица Јанева, поранешна специјална јавна обвинителка, ѝ изрече затворска казна од седум години, пренесува Агенција Андолија (АА).
Судот го прогласи Бојан Јовановски за виновен за сторените кривични дела: „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари“, а Катица Јанева за „злоупотреба на службена положба и овластувања“.
„Судот за определување на казните за сторените кривични дела, се водеше од олеснителните, како брачен статус, но и отежнителните околности, како угледот и положбата на обвинетите“, рече судијката Васка Николовска Масевска.
На објавата на пресудата за случајот „Рекет“, денеска во големата сала на Врховниот суд во Скопје присуствуваше само првообвинетиот Бојан Јовановски, додека второобвинетата Катица Јанева не дојде во судот и одлуката ја слушна во домашен притвор.
Обвинителството изнесе видеозаписи и фотографии обезбедени од посебните истражни мерки, како и записници и фотографии од одземени предмети од домовите и канцелариите на обвинетите, но и видеа направени од домот на сведокот, оштетениот бизнисмен Јордан Камчев.
Во описот на обвинителниот акт покренат од Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, се вели дека обвинетиот Бојан Јовановски влијаел врз обвинетата Катица Јанева, за таа да донесе поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја“, случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство.
Во своите завршни зборови пред судот, Јовановски и Јанева негираа вина и рекоа дека не го сториле делото за кое се товарат.
Судењето за предметот „Рекет“ почна во ноември минатата година. Обвинението беше поднесено против три лица. На првото рочиште за овој случај, обвинетитот Зоран Милески-Кичеец ја прифати вината и на следното рочиште беше осуден на три години затвор. Другите двајца обвинети, Јовановски и Јанева, се изјаснија дека се невини и против нив се води судска постапка во која беа презентирани низа материјални и вербални докази од страна на Обвинителството.
Потсетуваме, Собранието на Република Северна Македонија во септември минатата година ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од функцијата раководител на Специјалното јавно обвинителство.
Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за случајот „Рекет“ започна истрага на 15 јули минатата година, а на истиот ден обвинителката Јанева соопшти дека поднесува оставка од својата функција.