Прес-конференција на ДИК: До 18.30 часот гласаа 46,65% од гласачкото тело на Северна Македонија
- Претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, на прес-конференција објави дека според податоците обработени до 18:30 часот низ целата земја, своето право на глас го оствариле 803.091 граѓанин или 46,65 % од вкупниот број гласачи

СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека на денешните локални избори, заклучно со 18.30 часот, правото на глас го искористиле 803.091 граѓанин или 46,65 % од вкупниот број гласачи во Северна Македонија, известува Анадолу.
По завршувањето на гласањето на локалните избори во Северна Македонија, прес-конфреренција одржа ДИК во врска со процесот на гласањето во земјата.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, во своето обраќање истакна:
„Согласно со однапред најавениот план за информирање, последниот одѕив од сите избирачки места е до 18.30 часот. Одѕивот на ниво на Република Северна Македонија изнесува 46,65%, односно излегле да гласаат до 18.30 часот 803.091 граѓанин, според податоците добиени од обработени 3287 гласачки кутии, односно 94,62 % од обработените избирачки места.“
Тој, исто така, соопшти дека вкупната излезност на ниво на Градот Скопје до 18:30 часот изнесува 46,64 %.
Претседателот на ДИК Кондарко одделно ја соопшти излезноста во сите општини во Република Северна Македонија, а излезноста во главниот град Скопје по општини е следнава:
Аеродром 45,57%,
Бутел 49,71%
Гази Баба 41,97%
Чаир 51,27%
Ѓорче Петров 45,09%
Карпош 49,92%,
Кисела Вода 46,25%
Сарај 55,20%
Општина Центар 49,41 %
Шуто Оризари 35,33%.
Вчера, денот пред изборите, гласаа затвореници, лица во домашен притвор, болни, лица со инвалидитет и лица во домови за стари лица.
Ова се осми локални избори во Северна Македонија, по оние во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година, и се сметаат за важен тест за политичките сили во пресрет на претстојните парламентарни избори.
На локалните избори за функцијата градоначалник се натпреваруваат 309 кандидати. За членови на општинските совети се поднесени 576 листи со вкупно 10.490 кандидати.
Вкупно 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидати учествуваат на овие локални избори.
Државната изборна комисија соопшти дека за следење на овие избори се акредитирани вкупно 1.451 набљудувач, 807 домашни, 644 странски набљудувачи и 12 странски новинари.
По гласањето што ќе се одржи денес ќе следи втор круг на гласање кое е закажано за 2 ноември, во оние општини во коишто ниту еден од кандидатите не успеал да го освои потребното мнозинство во првиот круг. Во вториот круг на гласање за градоначалник ќе биде избран кандидатот кој ќе освои поголем број гласови.
Доколку и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник, изборната комисија во рок од 15 дена од завршувањето на изборите ја известува Владата.
Советници се избираат во првиот круг од изборите и притоа се употребува пропорционалниот модел, при што распределбата на мандатите се врши по Д’Хондтовата формула.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.