Gordana Simovic
24 Јули 2018•Ажурирај: 24 Јули 2018
МОСТАР (АА) - По потпишувањето на „Мостарската повелба за мир“, државниците од Западен Балкан, меѓу кои и македонскиот премиер Зоран Заев, со свеченост по повод 14-годишнината од обновата на Стариот мост во Мостар, испратија пораки за мир и најавија отворање на нова врата кон иднината, јавува Anadolu Agency(AA).
Мостарската повелба за мир ја потпишаа премиерите на Грција и Црна Гора, Алексис Ципрас и Душко Марковиќ.
Црногорскиот премиер Душко Марковиќ, изјави дека е горд што ја потпишува „Мостарската повелба за мир“ бидејќи неговиот претходник, премиерот Ѓукановиќ, беше првиот добитник на оваа награда, заедно со Денис Звиздиќ пред две години.
„За Црна Гора тоа е голема чест и признание бидејќи традицијата и негувањето на толеранцијата и соживотот секогаш беа како гарант на нашиот опстанок, како и гаранција за иднината на нашите граѓани. Стоејќи крај Стариот мост во овој прекрасен град, чија 14-годишнина од обновата ја одбележуваме, не можам да ги избегнам измешаните чувства на товарот на минатото и на свесноста за човековото страдање и издржливоста, но во истовреме и надеж и верба во иднината. На Западен Балкан минавме долг пат, и напредокот е неспорен во однос на оној ден пред 25 години, кога речиси пет века Стариот мост беше срушен за миг. Сега, тој е повторно симбол на обновата и спојувањето“, рече Марковиќ.
Потсети на зборовите на познатиот Нелсон Мандела кој беше еден од лауреатите на Мостарската мировна награда велејќи: „Храбрите луѓе не се плашат од простување за мирот, и тоа е единствениот пат напред“.
На Западен Балкан, како што нагласи, местото му е во Европа не само географски, туку и цивилизациски и вредносно.
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, во Мостар истакна дека обврската и задачата на сите лидери е да градат мостови. Тој им се заблагодари на сите лауреати и на добитниците за огромната чест што му е доверена со добивањето на наградата „Мостарска повелба на мирот“.
„Јас оваа награда ја добив минатата година и знам колку е вредна и што означува. Значи чест, но и одговорност поради довербата и вербата на организаторите, Центарот за мир и мултиетничка соработка и граѓаните, лидерите на Босна и Херцеговина, регионот и пошироко. Пораката која се праќа од оваа прекрасна манифестација, која го слави мирот, е силна. Промовираме дека еден лидер може, треба и мора да се издигне над предрасудите и самиот да стане мост, поврзувајќи се со другите лидери кои им мислат добро на своите граѓани“, рече Заев, истакнувајќи дека никој не успеал сам.
„Ние, лидерите од регионот, меѓусебно се поврзавме, покажавме достојно почитување едни за други. Му го свртевме грбот на она што нè дели, и се фативме за она што нè поврзува. Она што нè поврзува е заедничката иднина на нашите граѓани, регионот и светот. Она што нè поврзува е потребата за стабилност, безбедност и сигурност, а со тоа и економски погодности за нашите граѓани, за нашите земји. Напредокот на Република Македонија, која денес има покана за почеток на претпристапни преговори за НАТО и за членство во ЕУ во јуни 2019 година, е важен пример како преку соработка, меѓусебна поврзаност и почитување може да се постигне успех за само една година“, порача Заев.
Регионот, истакна Заев, има лидери кои дадоа нова енергија.
„Тоа треба да се искористи бидејќи тоа заеднички нè носи напред. Нашето присуство овде, пред овој обновен Стар мост, испраќа порака дека сме подготвени во практика да ја примениме симболиката на мостот и на минатото да градиме иднина“, заклучи Заев.
Претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, изрази жалење што грчкиот премиер Алексис Ципрас мораше да се врати во својата земја итно, поради пожарите што се приближија до домовите во близина на Атина.
„Нашето вечерашно дружење претставува порака за мир, стабилност, регионална и добрососедска соработка, меѓусебно почитување, уважување и почитување. Тоа се пораките кои му требаат на нашиот регион. Оваа манифестација, Повелбата што ја доделувам, значи отворање на уште една врата кон иднината за младата генерација и просперитет на Босна и Херцеговина, и на целиот регион на Западен Балкан“, рече Звидиќ.