Ekipa
24 Јули 2018•Ажурирај: 25 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Лидерите на земјите од регионот и претставниците на владините институции изразија сочуство и подготвеност за помош во гаснење на пожарите што избувнаа во близина на грчкиот главен град Атина, во кои животот го загубија најмалку 60 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Македонија, односно Дирекцијата за заштита и спасување, со ресурсите што ги поседува понуди помош за Грција во случај на потреба.
Директорот на оваа дирекција, Аднан Џаферовски, истакна дека Владата на Македонија е во постојан контакт со грчките власти, и дека е понудена помош уште вчера.
„Дирекцијата за заштита и спасување е владино оперативно тело и со своите ресурси е подготвена да помогне. Очекуваме одговор од нивна страна. Доколку изразат потреба, ќе отпочне процедурата за испраќање помош од наша страна“, нагласи Џаферовски.
Според соопштението на прес-службата на претседателството на Албанија, претседателот на оваа земја, Илир Мета, упати порака за сочуство до неговиот грчки колега, Прокопис Павлопулос, во која нагласи дека со вознемиреност и загриженост го следи случајот и штетите што ги предизвикуваат пожарите околу Атина.
Во ова соопшение се вели дека Мета изразил сочуство за жртвите, и посакал што побрзo оздравување на повредените. „Ви гарантирам дека во овие тешки моменти, јас и албанскиот народ сме со вас и граѓаните на Атина, и на цела Грција“, нагласи Мета.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, на својот фејсбук-профил напиша дека е длабоко трогнат поради жртвите во пожарот во близина на Атина. Тачи нагласи дека Косово се солидаризира со Грција, и е подготвено да помага.
Исто така, шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, истакна дека Турција е подготвена да понуди каква било помош за гасење на пожарот во Грција. „Во случај на потреба, нашите авиони и хеликоптери за гасење пожар се подготвени да тргнат кон Грција“, порача Чавушоглу.
Министерството за надворешни работи на Грција упати благодарност за понудената помош, поддршка и изразената солидарност, и нагласи дека природните катастрофи не познаваат граници и ги надминуваат споровите.
„Ја упатуваме нашата искрена благодарност до министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, и до министерот за надворешни работи на ФИРОМ, Никола Димитров, за нивната брза реакција за нудење авиони за гасење на смртоносните пожари во регионот на Атика“, се вели во соопштението на ова министерство.
Грчкото Министерство упати благодарност и до Кипар, Шпанија и Европската комисија за понудената помош, но и до сите пријатели и партнери кои изразија жалење и солидарност со драмата на грчкиот народ.