Vesna Besiç
20 Јули 2017•Ажурирај: 21 Јули 2017
САРАЕВО (AA) - Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, в недела во Сараево ќе разговара со претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, кој доаѓа во официјална посета на Босна и Херцеговина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Свечениот дочек ќе биде приреден в недела наутро, пред седиштето на институциите на БиХ, по што ќе биде одржана и средба на делегациите на Советот на министри на БиХ и Владата на Република Македонија.
Ќе биде потпишан и Меморандум за разбирање меѓу Министерството за надворешна трговија и економски односи на БиХ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, од страна на Мирко Шаровиќ, заменик-претседавачот со Советот на министри и министер за надворешна трговија и економски односи на БиХ, и Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.
Во текот на посетата ќе биде потпишана и Програма за културна соработка меѓу Министерството за цивилни работи на БиХ и Министерството за култура на Република Македонија, која ќе ја потпишат Адил Османовиќ, министер за цивилни работи на БиХ и Роберт Алаѓозовски, министер за култура на Македонија.
Според протоколот на посетата, предвидена е и средба со претседавачот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ и средба со претседавачот и членовите на Претседателството на БиХ.
Претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, ќе го посетат Ротимље каде што ќе положат венец на спомен-обележјето на трагично настраданиот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, и членовите на неговата придружба.
Во вечерните часови Звиздиќ и Заев ќе престојуваат во Мостар, каде што ќе присуствуваат на манифестацијата „Mostar Peace Connection“ и ќе ја потпишат Мостарската повелба за мир.