Besar Ademi
20 Јули 2017•Ажурирај: 21 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменикот генерален секретар на НАТО за јавна дипломатија, Таџан Илдем, кој е во официјална посета на Македонија, истакна дека односите на Македонија со НАТО и со Европската Унија (ЕУ) стагнирале како резултат на политичката криза што ја зафати земјата, но оти по формирањето на новата Влада во оваа земја се забележува нова енергија за евроатлантските аспирации и постои подготвеност за реформи, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот Таџан Илдем, придружуван од страна на претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани, учествуваше на настанот „Дискусија еден на еден“, организиран од страна на Евроатлантскиот совет во Скопје, каде што претставиците на невладиниот сектор и на дипломатскиот кор дебатираа за евроатлантскиот процес на Македонија. Тој на оваа дебата нагласи дека односите и соработката на НАТО со Македонија во последниот период се поинтензивни од кога било претходно.
Илдем вели дека една од главните точки на коишто НАТО е фокусиран е стабилноста и безбедноста на земјите од Западен Балкан. Тој пренесе дека во последните две декади, земјите-членки на НАТО одиграле значајна улога во превенцијата на конфликтите во регионот.
„Меѓу нашите приоритети, овој регион, Западен Балкан, е особено карактеристичен. За НАТО е од стратешко значење прашањето на стабилноста и безбедноста на овој регион, кој сочинува голем дел од целокупната безбедност и стабилност на Европа. Тоа треба да се сфати во насока на спречување на понатамошна ескалација на конфликтите какви што имаше во последните две декади, вклучувајќи го и во вашата земја“ истакна Илдем.
Тој рече дека во Брисел постои јасна визија за заслугите на регионалната соработка, дека секоја земја ќе биде третирана според своите заслуги, но истовремено, како што рече тој, поголемиот дел од проблемите во регионот имаат заеднички карактеристики. Наведувајќи ги историскте спорови, меѓуетничктие конфликти, ризикот на неконтролираната миграција и терористичките закани, тој истакна дека земјите во регионот недоволно соработуваат во овие области.
Илдем порача дека НАТО секогаш ќе помага во евроатлантските аспирации на Западен Балкан, и обраќајќи се на регионот, истакна дека многу полесно е да им помагаш и да ги поддржуваш тие кои си помагаат едни на други.
Амбасадорот Илден од вчера е во официјална посета на Македонија. Тој се состана со премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.