Bekim Laci
20 Јули 2017•Ажурирај: 22 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, упати апел до сопствениците на хотелите во Скопје да понудат поволни цени за сместување за време на одржувањето на натпреварот од Суперкупот на УЕФА меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, бидејќи, според него, објавените трицифрени цени во евра, можат сериозно да му наштетат на имиџот на градот, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција со Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ), каде што беше прикажано официјалното видео со коешто Скопје ги поканува туристите да дојдат за фудбалскиот спектакл, нудејќи вкусен ајвар, јако кафе и чај во Старата скопска чаршија, Трајановски истакна дека Градот Скопје нема добиено официјална жалба бидејќи хотелите се приватни субјекти кои самите ги формираат цените на услугите, но како што рече тој, ова не е добро за имиџот.
„Ќе изгуби градот Скопје, самите хотелиери, но и Република Македонија, бидејќи имаме еден од најдобрите стадиони во потесниот регион. Затоа, ако не се претставиме на потребното ниво од аспект на хотелиерство, се плашам дека во иднина можеме да изгубиме некоја спортска организација на европско, но и на светско ниво“, вели Трајановски и додаде дека високите цени можат да ги натераат странските навивачи да се сместат во Софија или во Солун.
Од аспект на елементите што ќе го придружуваат спектаклот, Трајановски истакна дека Скопското кале ќе свети со сина боја, бојата на Суперкупот, а дека градските претпријатија максимално се ангажирани за чистотата. Во наредните денови ќе бидат поделени илјадници флаери со содржината на Суперкупот, односно со забавни понуди во градот.
Портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски, нагласи дека ФФМ го нема товарот на организацијата, бидејќи ова го прави УЕФА. Сепак ќе ја организираат „Трофеј турата“, каде што ќе бидат претставени трофеите на Суперкупот, Лигата на шампионите и на Лигата на Европа, а граѓаните на Македонија ќе имаат ретка можност да ги видат одблиску.
„Турнејата ќе почне на 1 август и во наредните неколку дена пехарите ќе бидат изложени во 9 града во Македонија, односно до 8 август тие ќе бидат изложени во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Неготино, Струмица, Штип, Куманово и во Скопје“, додаде Андоновски.
Тој нагласи дека Суперкупот го прави Скопје да биде епицентар на светскиот спорт, како што е дуелот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, кој ќе биде емитуван во 216 земји во светот, со над 280 телевизии кои ќе го емитуваат настанот како и придружните активности.