Bekim Laci
09 Јануари 2019•Ажурирај: 09 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, го одложи за 16:00 часот почетокот на расправата за усвојувањето на текстот за уставните амандмани предложен од Владата, како последна фаза на имплементација на Преспанскиот договор, јавува Anadolu Agency (AA).
Џафери не даде образложение за одложувањето на седницата. Тој ја потврди оставката на пратеникот на владејачката партија, СДСМ, Томислав Тунтев, по што ја повика Државната изборна комисија (ДИК) да утврди кој кандидат од листата на партијата ќе го преземе неговото место во Собранието, за да името на предложениот кандидат биде доставено до Парламентарната комисија за имунитет и именувања.
Џафери рече дека седницата ќе продолжи во 16:00 часот.
Во меѓувреме, пред зградата на Собранието започна протест организиран од страна на граѓанската иницијатива „Македонија блокира”, кои изразија револт против уставните промени, според кои Република Македонија ќе го промени своето име во Република Северна Македонија.
Потсетуваме, во октомври минатата година, Собранието на Република Македонија со поддршка од 80 гласови и 39 против, ја започна постапката за пристапување кон уставни измени.
Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор), во јуни минатата година, во Преспа, го потпишаа владите на Македонија и Грција.