Abdula Berisha
03 Јули 2024•Ажурирај: 07 Јули 2024
СКОПЈЕ (АА) - Во Северна Македонија се вратија првите групи муслимани кои беа во посета на светите места, градовите Мека и Медина во Саудиска Арабија, каде што заминаа за да го извршат аџилакот - петтиот столб од исламот, јавува Анадолу.
Аџиите, кои се вратија со директен лет од Медина, на Меѓународниот аеродром „Скопје“ беа пречекани со цвеќиња и подароци од своите најблиски.
Првите групи што пристигнаа во Северна Македонија беа од градот Скопје, па на аеродромот беше присутен и муфтијата Ќенан Исмаили. Во изјавата за Анадолу тој рече дека аџилакот е многу комплексен и голем настан од организациски аспект, но нагласи дека сѐ се одвивало според планот.
„Многу е нормално да се менува климата, се менуваат околностите, има поголем замор и некои од аџиите повеќе го чувствуваат ова, а некои помалку. Меѓутоа, таа желба, волја, духовна емоција ги надминува сите овие нешта. Може да кажеме дека немавме поголеми проблеми, компликации. Таму аџиите ги извршија сите потребни обврски“, рече Исмаили.
Тој им се заблагодари на сите државни институции на Северна Македонија и на Саудиска Арабија за организирање и олеснување на процедурите.
И аџиите беа презадоволни од организаторите и ја изразија својата благодарност. Според нив, единствена пречка било топлото време.
„Климата се смени. Таму температурата е 45-47 степени. Пешачевме два-три километри. Сепак, ние сме презадоволни“, изјави 62-годишниот Милаим Фејзулау.
Педесет и петгодишниот Зуди Илјази порача верниците да одат на аџилак што помлади, додавајќи дека треба да се има предвид дека се оди во поинаква средина.
„Најголема порака е дека мора да знаеме дека одиме во поинакво место, поинаква средина. Навистина важат зборовите на муфтиството: два куфера со трпение, еден куфер со алишта. Таму најмногу вреди трпението, ништо друго. Генерално, задоволен сум“, изјави Иљази.
Од Северна Македонија до светите места годинава отпатуваа 2.040 аџии, кои во Мека и Медина престојуваа околу 30 дена.