Admir Fazlagic
19 Февруари 2021•Ажурирај: 20 Февруари 2021
СКОПЈЕ
Познатиот балкански пејач и кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ почина денес во 67 година, јавија српските медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што објавија медиумите во Србија, во изминатите денови Балашевиќ бил примен на Инфективната клиника во Нови Сад, но неговата состојба се влошила. Според наводите на медиумите, Башалевиќ имаше и хронични проблеми.
Ѓорѓе Балашевиќ е роден во 1953 во Нови Сад, Србија. Овој музичар има издадено 14 албуми. Има глумено во неколку телевизиски серии за кои ја има напишано и музиката. Живееше и работеше во Нови Сад.
Во 1977 откако станал дел од групата Жетва, во истата година го издаваат синглот „У раздељак те љубим“ и со тоа го остварува првиот свој успех. Синглот е продаден во 180.000 примероци, што за тоа време претставувало голем успех.
Во почетокот на 1982 година, со издавање на албумот Пуб ја започнува својата соло кариера во која имаше бројни хитови.
Балашевиќ одржуваше концерти и во Скопје, а исто така напиша и песна за Скопје насловена „Седам осмина".
Балашевиќ е и автор на романите „Три послератна друга", „Један од оних живота" и „Календар мог детињства".