Abdula Berisha
07 Октомври 2020•Ажурирај: 08 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Музичарите и сопствениците на угостителските објекти одржаа протест пред Владата на Северна Македонија поради мерките против ширењето на новиот вид коронавирус (Ковид-19), со кои се забранети настапи на музичари во угостителските објекти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Организаторот на протестот, Даниел Сидоски, рече дека овој сектор е многу погоден од ситуацијата која трае долго време, потенцирајќи дека од последните мерки се погодени околу 20 илјади работници, вклучително и музичарите, ангажирани за свадбите.
„Ние не шириме вирус, ние сме само музичари кои почитуваат протоколи. Си има институции каде што треба да се обратат тие, да ги обезбедат сите оние луѓе кои треба да ги казнуваат оние што не го почитуваат законот“, рече Сидоски.
Тој исто така рече дека неколкупати имаат поднесено барања со протоколи до Владата на Северна Македонија, но тие биле одбиени. Сидоски предупреди дека доколку во рок од два дена не бидат прифатени на состанок со поднесените барања, в недела ќе организираат помасовен протест.
Претставникот на рестораните за свадби, Екрем Мемиши, потсети дека слични објекти во регионот функционираа во текот на летото и продолжуваат да работат со одредени протоколи, барајќи истото да важи и за Северна Македонија.
„Бараме за нас да постои посебна регулатива и мерки со донесување протокол и можност за наше повторно отворање. Потенцираме, не бараме да заработуваме во оваа тешка ситуација за сите, напротив, бараме да ни помогнете да опстанеме како економски оператори“, истакна Мемиши.
Тој исто така рече дека финансиската помош што ја добиле од Владата не е доволна и не ги покрива ниту основните месечни трошоци.
Демонстрантите пред Владата на Северна Македонија донесоа маси и столови, импровизирајќи затворен ноќен клуб, а поставија и бина, при што во знак на протест пуштија музика.
Потсетуваме дека по растот на бројот на новозаразени со Ковид-19, во неделата Владата ги прифати мерките што претходно ги препорача Комисијата за заразни болести, со кои се предвидува забрана на гостување на пејачи и ограничување на јачината на музиката и на бројот на гости во угостителските објекти.
Според новите мерки на Владата, нема да биде дозволено гостување на пејачи/музички групи/диџеи во угостителските објекти кои послужуваат пијалаци и храна, вклучително и во ресторанскиот дел на угостителските објекти за сместување (хотели/мотели).
Владата на синоќешната седница го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќните барови и дискотеките и потребата од преземање ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната.
Според последните податоци, вкупниот број лица заразени со коронавирусот во Северна Македонија достигна 19.413, од кои 15.749 пациенти оздравеле, а 772 починале.