Vesna Besiç
11 Јули 2018•Ажурирај: 12 Јули 2018
ПОТОЧАРИ (АА) - На гробиштата во Меморијалниот центар „Сребреница - Поточари“, денес се одржа молитва и погребна церемонија за 35-те жртви од геноцидот во јули 1995 година, кој се случи во Сребреница „заштитената зона“ на ОН, јавува Anadolu Agency (AA).
Погребната молитва ја предводеше поглаварот на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, Хусеин ефенди Кавазовиќ, кој рече: „Господару наш, обедини ги нашите срца во вера и љубов. Те молиме мајчините солзи да станат молитви и веќе никому да не се повтори Сребреница.“
Илјадници луѓе пристигнаа во Поточари, во знак на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. По комеморацијата, во Поточари се одржа молитва, а потоа со читањето на имињата започна изнесувањето на ковчезите од Меморијалниот центар.
Преживеаните од Сребреница, членови на семејствата на загинатите, пријатели и соседи, на раце ги префрлија зелените ковчези со посмртните останки до гробот во кој жртвите од геноцидот ќе бидат погребани по повеќе од две децении.
Во рамките на религиозниот дел од одбележувањето на 23-годишнината од геноцидот во Сребреница, актерот Ријад Гвозден рецитираше извадок од „Дервишот и смртта“, а како и секоја година на денот на одбележувањето на геноциодот во Сребреница, изведен е „Сребреничкиот инферно“, кој за првпат беше изведен во 2003 година, за време на отворањето на Меморијалниот центар „Сребреница - Поточари“.